Во секторите на сценска техника и администрација сме дефицитарни, а сосема е друга ситуацијата во оркестарот, истакна на средба со новинарите вршителот на должност директор на Македонската опера и балет (МОБ), Илија Рајковски.
– Оркестарот е димензиониран на 94 професионални оркестарски уметници кои работат со решенија и плус една група на хонорарци. А сега имаме една предимензионираност на оркестарот, да не претерам ама на ниво на Њујоршката филхармонија од 115 луѓе. Тоа е една ситуација која што е катастрофална заради тоа што со оваа програма што ја имаме, а која објективно е таква каква што е, и не може во овој момент да биде поголема, некои од луѓето нема да можат да свират и по два или три месеца. А потребите што ги налага партитурата се 76- 78 оркестарски уметници. Независно од тоа што јас имам искуство, ја водев операта претходно, се обидов да консултирам и соседни куќи кои живеат во истиот амбиент како нашиот, поранешните југословенски простори, Бугарија итн, секаде составот е 76 до 78 уметници, рече Рајковски.
Како решение за проблемот предложи префрлување во Македонската Радио-Телевизија (МРТ).
– Кај нас имаме предизмензионираност. Дадовме еден предлог во Министерството за култура, се надевам дека ќе одговорат на тоа наше барање, да се ослободиме од дел од вишокот во оркестарот и тие луѓе да се прифатат во други институции кои треба да се вратат во една друга позиција како што беа своевремено, а тоа е продукцијата на Македонската радиотелевизија. Бидејќи, колку што знаеме, Владата веќе има преземено одредени стратешки позиции во однос на реорганизирање на МРТ и дека продукцијата е еден дел од оние институции кои можат овие вишоци да ги преземат, бидејќи претпоставувам дека и во Филхармонија има повеќе оркестарски уметници коишто за жал мораме така да ги крстиме дека се вишоци, бидејќи партитурите тоа не го трпат, вели Рајковски.
Второто решение е формирање камерни оркестри.
– Камерни состави кои ќе работата во рамките на нашата куќа, ќе музицираат, се надеваме со голем успех, бидејќи имаме и млади диригенти кои ќе бидат задолжени за таа работа, а во исто време младите колеги да не се почувствуваат отфрлени, туку дека навистина креираат, вели Рајковски.
Ќе се реорганизира и пополнува техничкиот персонал
Наспроти предимензионираноста на оргкестарот, во техникиот дел на МОБ фалат 40 луѓе!?
– Во одредени сектори ние сме веќе на салдо нула со кадри, а во одредени делови имаме предимензионираност.Тоа е многу важна работа дури и за јавноста, бидејќи многу се манипулираше со некои факти. Говорам за сценската техника. Ние имаме капацитет на фабрика за опремување на сите театри во Македонија со сценографија, костими, реквизита и сите оние потреби што се неопходни за сцената. Моментално немаме ниту еден вработен бравар, немаме ниту еден машки шивач, имаме само еден вработен во столарската работилница, сега со заминување во пензија на нашата колешка имаме само еден шнајдер во женската шивална и тоа нас не упатува кон еден друг начин на организирање на потребите на сцената, односно да бараме надвoрешни соработници, односно фирми коишто ќе ги изработуваат и сценографските и костимографските елементи и дури и оние поситни работи… Ако сето тоа го ставиме на купче ние сега пред Министерството за култура ќе мораме да испорачаме една фактура која што се вика: најмалце 40 луѓе за вработување. Тоа е работа која ќе мораме да ја направиме, а какви ќе бидат буџетските услови во Министерството за да ни одговорат на тоа барање, ќе видиме. Но, се надевам дека одредени потреби ќе бидат ставени во Националната стратегија за развој на културата во Македонија 2018-2023, којашто ја добивме, истакна в.д. директорот Рајковски, а на крајот се осврна и за финансирањето на куќата и репертоарската политика.