ВМРО-ДПМНЕ веќе една седмица ја повикува власта да се сложи заедно со претседателските избори да се одржат и предвремени парламентарни. Зоран Заев, пред да замине на скијање во Германија, диломатски изјави дека “не е време за парламентарни избори, ама бидејќи повикот доаѓа од најголемата опозициска партија е должен сериозно да го разгледа”.
Во ДУИ млако се изјаснија против парламентарни избори додека во СДСМ има две мислења: едното е дека треба да се искористи полетот со меѓународните постигнувања а второто е дека парламентарни избори пред оценката од ЕУ во јуни не се пожелни.
Како што се дознава, дали ќе има двојни избори во април/мај ќе зависи од едно сосема поинакво прашање. Имено, СДСМ и ДУИ стравуваат дека доколку се оди само на претседателски избори, тогаш може да се случи тие да пропаднат поради неисполнет цензус. Според Уставот, за избор во првиот круг е потребно за кандидатот да гласаат 50% од запишаните гласачи плус 1 – што досега не му успеало на никого. Во вториот круг, пак, одат двајца кандидати со најголем број освоени гласови во првиот круг. Победува тој што ќе освои мнозинство, ама под услов во вториот круг да излегле најмалку 40% од запишаните гласачи во Избирачкиот список. Во бројки тоа значи да излегле околу 720 илјади. Е, тука за СДСМ и ДУИ се појавува проблемот – доколку ВМРО-ДПМНЕ го бојкотира вториот круг тогаш изборот ќе пропадне зашто на референдумот се виде дека владејачките партии не можат да ја постигнат таа бројка на излезност.
Овој проблем станува поизразен од фактот што во СДСМ се свесни дека поради лошите економски резултати на домашен план, заедно со уставните измени и прогласувањето на Законот за јазици владее разочараност кај добар дел од членството и неопределените.
Најверојатно ќе има двојни избори
Од последните јавни настапи на министрите Радмила Шеќеринска и Никола Димитров може да се заклучи дека најверојатно СДСМ ќе прифати едновремени избори за претседател на државата и за пратеници.
– Може да се случи голема апстиненција на гласачите за претседателските избори поради разочараноста од болните компромиси за Договорот од Преспа, а и ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали силно ќе настапи на изборите. Затоа треба да има и парламентарни. Распоредот на силите во Парламентот кажува дека тешко до 2020 година, кога треба да се одржат редовните парламентарни избори, може да опстои коалицијата на СДСМ и ДУИ со осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои го обезбедија двотретинското мнозинство за Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција, потврдуваат и извори од владејачкото мнозинство од Собранието.
Шекеринска најави дека до крајот на неделава ќе разговараат во СДСМ, но и во рамките на коалицијата за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за двојни избори.
– Оваа недела очекувам сериозни разговори и во рамките на коалицијата, и во рамки на СДСМ околу прашањето дали заедно со претседателските ќе имаме и парламентарни избори, рече Шекеринска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана Карл Ерјавец во Скопје.
Од ДУИ велат дека предвремените парламентарни избори им одговараат бидејќи ги исполниле клучните барања на Албанците: Законот за употреба на јазиците и извесното членство во НАТО, но не било во интерес на државата бидејќи ќе се закочеле процесите за најавеното добивање на датум за преговори со ЕУ во јуни и динамиката на ратификација на протоколите за членство на Македонија во НАТО.
– Ако се гледа државниот интерес, не е момент за парламентарни избори бидејќи претстојните месеци се клучни за добивање на датум за започнување на преговори меѓутоа и за утврдување на една динамика за ратификација на протоколите за членство во НАТО во парламентите на земјите членки. Доколку се распишат избори, свесно ќе се наруши динамиката за започнување на преговори, вели Бујар Османи.
– Меѓутоа ако бидеме уценети, во смисла ако нема парламентарни ќе има бојкот на претседателските, а тоа пак ќе создаде институционална криза што пак ќе создаде поголемо влијание врз динамиката на интеграцииите отколку самите парламентарни избори, тогаш ќе седнеме и ќе размислиме, вели тој.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека претседателските избори ќе ги распише најдоцна до 8 февруари, но ако владејачката коалиција СДСМ-ДУИ одлучи да има и предвремени парламентарни избори, изборите треба да се распишат до 20 март, за да се одржат заедно со вториот круг од претседателските избори. Во таков случај се скратуваат роковите и за Влада според Договорот од Пржино.