Владата веќе има спремено реформи во даночниот систем за кои се започнати јавни расправи, за правичност и ефикаснот на даночниот систем во прибирање на приходите како и за зголемување на транспарентноста и квалитетот, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими но не откри за кои даноци ќе има зголемување.
На првата научна конференција академиците и научни работници му предложија на Бесими препораки и совети како да се менаџира пост-ковид кризата за да може да следи побрзо закрепнување на економијата.
– Владата да намали со трошење, сега не е време за купување на автомобили, мебел и останати непродуктивни трошење, препорачува академик Таки Фити.
И тој препорачува да се размислува некои од даноците благо да се зголемат за да може државата да ја избегне опасноста од финансиска нестабилност. Во следниот период внимателно треба да се следи јавниот долг кој веќе надмина над 60 отсто.
– Финансиска консолидација може да се направи со кратење на владината потрошувачка особено непродуктивната. Јас велам блага прогресија не смее даночното оптоварување во Македонија толку многу да се зголеми мора да се води сметка и за данoчните стапки во нaшето опкружување, рече Таки Фити.
Битиќи: Ако сакаме државата да се грижи за секој подеднакво, треба сите да плаќаме даноци
Ако сакаме државата да се грижи за секој подеднакво, треба да преземеме мерки сите да бидеме дел од системот, а тоа значи сите да плаќаме даноци, но и да чекаме државата кога е потребно соодветно да се погрижи за нас, оцени вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Ќе ги разгледаме предлозите и ќе видиме што значат. Ако даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување велам зошто да не. Се покажа дека во кризата некои богати станаа уште побогати и заради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ако значи воведување нов данок за посиромашните велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено. Категорични сме дека луѓето мора да платат за тоа што го имаат повеќе од тоа што елементарно им е потребно. Таму немаме разлики. Кај персоналниот данок не можеме бланко да кажеме дека прифаќаме, затоа што се стремам дека на одредени сектори треба да им се намали персоналниот данок и данокот на личен доход, затоа што само така ќе влеземе во сегментот на рестарт на економијата и земјава да ја направиме конкурентна на глобално ниво. Прогресивното оданочување може да значи решавање, но уште пред две години кажавме дека ќе разговараме и дека се менува пристапот на креирање политики и секоја политика ќе се води низ консултативен процес и многу порано ќе биде укажано кога евентуално ќе може да биде применета, порача Битиќи.
Кај данокот на имот, потсети, има предлог да остане истиот процент на данок на имот, но да се оданочи тоа што не се користи и влегува во делот на луксуз – втор, трет, четврт стан…