Владика со две имиња

НИКОЛА СТАВРЕСКИ:

Господине Ставрески, многу се зборува за инцидентот што се случил во нашиот манастир во Донибрук. Можеше ли да се избегне таков скандал?
Јас на денот кога имаше литургија по повод патронот на манастирот „Св. Прохор Пчински” бев да си запалам свеќи за здравје и секако како и секогаш да сликам или снимам материјал за јавноста да се стави на „Фаланга” од каде многу медиуми го преземаат.
Карактерот на еден човек е поважен од облеката што ја носи, се докажа дека во тој момент кога недостојниот Петар (Јован) Каревски се нафрли врз мене со огорченост, ја изгуби неговата смиреност со зборовите: Ајде бегај од тука ЈУДО. Тоа докажува дека некој заборавил на главните православни вредности и принципи, дека тој некој треба да шири љубов и милост – нажалост г-динот Каревски изгуби контрола и уште еднаш докажа дека самоволието и егоизмот кај него доминираат и секогаш одлуките ги носи само како што нему му одговараат а не како што треба да прилегаат според каноните или граѓанските закони.
Постарите рекле и пијаниот бега од будалиот, но во овој случај јас бев тој смирениот и не сакав да сум како неколку насилници кои покажуваа насилност и постапија нехристијански што ме протераа од манастирот.
Скандалот свесно го предизвика Владиката Петар а последиците сам ќе ги сноси, голем грев е еден Владика да ја прекине службата за да се пресмета со еден верник – негов неистомисленик.
Јавноста е збунета од вашиот судир со Владиката затоа што знае дека вие двајцата важевте за големи пријатели. На многу фотографии е прикажано како срдечно го пречекувате на аеродромот во Мелбурн, и како пријателски го испраќате. Кога се избиени тие недоразбирања?
Сакам јавноста да ја знае вистината дека уште при нашата средба во Битола со Петар (Јован) Каревски имавме една жолчна расправија затоа што бев присилен да пишувам лаги и клевети за пари против нашиот брат по вера – отец Гаврил, но кога го одбив тоа свесно, од тогаш ми беше дадено на знаење дека неговите луѓе од Епархијата и општо ќе ми наштетат во мојот приватен и семеен живот, нема да ми дозволат пристап кон неговите имоти, каде што тој фигурира како сопственик во Донибрук, во Соборниот храм во Сиднам, и ми спомна и во црквата Св. Петка во Мил Парк, каде Петар Каревски, Јовица Симоновски и неговиот внук Тоне Гулев се сопствници на тапиите. Секако дека ќе имам забрана во манастирот „Св. Наум” во Роклин и црквата „Св. Илија” во Фуцкрај, каде што фигурира името на неговиот внук Љупчо Каревски.
Јас како народен човек и за мое достоинство и слобода секако дека не сакам да бидам предавник, не дозволив такво нешто и затоа тоа е една од причините недостојниот Петар Каревски свесно да ме протера од манастирот.
Од како објавив дека парите што се испратија за порано опожарениот манастир „Св. Јован Бигорски”, кој не е во негова надлежност ги зачувал во Преспанско Пелагониската Епархија поради нерасчистени сметки а знаеме дека донација не се чува, тоа беше и втората причина да се пресмета со мене.
Трета причина е моето јавно прашање каде се парите што се донираа на 24 јануари 2015 година во Соборниот Храм во Сиднам – ем немаме нова митрополија, ем градбата не започнала, ем парите не знаеме каде отишле, и пак се прашувам каде се парите и дали на некого му лепело рачето?. Исто и во Донибрук многумина донираа пари за изградба на Конаците до Манастирот а од тоа нема ништо, само се затрупаа темелите и неколку години ништо од тоа.
Четврта причина е текстот дека во Австралија започна Црковна револуција каде на народниот собир во Епинг беа присутни над 300 верници и од тогаш тие му го свртија грбот на дел од раковоството на Епархискиот Управен Одбор во Мел­бурн.
Од самото негово пристигнување во Австралија кои го возеа со хеликоптер до центарот Саншајн, центар во кој сум дал и дел од себе, да не го изгубиме но за жал сега е раководен од друга нација наместо ние Македонците да се радуваме со нешто наше македонско. Му бев лојален но како што минуваше времето станавме многу блиски и просто речено бев како антивирус на еден компјутер, јас бев тој што го штитев Петар (Јован) Каревски.
Јас го информирав што ќе се случи во иднина, јас го информирав што се случува во неговата и денес нерегистрирана Епархија и за се друго, јас ги знам скоро сите тајни за него и за луѓето околу него кои наскоро ќе излезат една по една на негова штета.
Слободно влегував кај него и тој имаше време за мене и љубезно ме слушаше и носеше одлуки како што тој мислеше е најдобро, но ете пред да пристигне последниот пат официјално му пратив порака на неговиот мобилем телефон и одговор се уште нема.
Првиот пат се посомневав за неговата улога како Австралиско Новозеландски Митрополит кога го информирав дека знам кој ја опожарил старата црква „Св. Никола” во Престон. Тој бараше од мене тоа да го сокријам од јавноста, дека во спротивно повеќе нема да бидам дел од луѓето во кои има доверба. Јас и до денес тоа јавно никаде не сум го изјавил од страв дека ќе ми наштети т.е. ќе ми го уништи моето име во јавноста.
Каков епилог очекувате по овој инцидент, дали постои иницијатива за христијанско помирување?
Со неговата постапка администраторот Каревски си наштети толку многу што и самиот не е свесен, функцијата му е крајно разнишана, јас гарантирам дека угледот во СИНОДОТ му е нарушен а да не зборуваме пред македонските православни верници во Австралија.
Еден човек кој е достоен да биде Владика во Австралија дефинитивно е отец Гаврил за кој се молам да стане иден Митрополит Австралиско Новозеландски за да се смират работите и да трнеме сите заедно во една насока како што и му доликува на еден народ. Време е народот да ја знае вистината. Кој последен се смее најслатко се смее, со сигурност кажувам дека таквата сатисфакција е веќе на повидок.

Останати вести