„Полицијата ја интересираше нешто што се случило во декември лани помеѓу двајцата игумени. Јас во тоа време не бев во Австралија и не знам ништо за случајот. Тоа беше мојот одговор. Разговорот траеше 15 до 20 минути и бев пуштен”, изјави владиката Петар и за овој негов престој во полициската станица ги обвини владиката Наум, игуменот Гаврил и една Македонка вработена во полицијата.
„Веста за мое апсење е лага и конструкција зад која стојат струмичкиот Владика Наум и игуменот Гаврил. Јас им пречам овде во Австралија. Знаете дека против Гаврил е покрената канонска постапка и сега тие тоа го прават, со една вработена во полицијата, која е духовно чедо на игуменот”, вели владиката Петар.
Тој во средата беше однесен во полициска станица во Мелбурн на информативен разговор, со полициска придружба. Двајца полицајци во цивилна облека од одделот за криминологија на полицијата во Викторија претходно го посетиле домот каде престојува владиката, а по краток разговор го повикале во полициска станица.
Во февруари годинава владиката Петар престојуваше во Австралија и тогаш ненадејно, без најава, се врати во Македонија иако имал обврски кон верниците во Перт, Порт Кембла и Бризбан.
„Не е вистина дека имам три пасоши, меѓу кои и некаков италијански. Тоа се невистини. Не е точно ниту дека ме тужат австралиски адвокати, туку обратно. Сите пресуди се добиени во наша корист на сите судски нивоа и нам треба да ни се исплатат пари, а не ние некому”, вели владиката Петар за “Утрински весник”.
Во изјава за истиот медиум претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија и правник регистриран во Врховниот суд на Нов Јужен Велс, Игор Аврамовски Александров, вели дека не верува во зборовите на владиката.
„Апсолутно сум сигурен дека владиката Петар лаже оти го повикале на разговор околу клевети меѓу свештеници. Секој правник знае дека полицијата нема јурисдикција врз такви случаи, бидејќи тоа не е во домен на кривичното право, туку само граѓанско, со приватни тужби. Но, не можам да бидам сигурен зашто е повикан, бидејќи немам информации”, додава Аврамовски Александров.
Зошто владиката Петар наместо в црква, заврши во полиција?
Зошто и како владиката Петар се најде пред австралиските полициски служби на распит е прашањето на кое официјално се уште нема никаков одговор, а во принцип е исклучително важно.
Денот осамна со веста од Австралија дека владиката во придружба на двајца детективи бил приведен до полициска станица, откако претходно тие го посетиле во домот каде тој престојува во Мелбурн. Владиката Петар потоа со изјава демантираше дека станувало збор за приведување, туку дека бил повикан на распит во полиција за да даде исказ за некој случај кој наводно бил поврзан со игумените на МПЦ во Австралија, Гаврил и Никодим.
Обидот да се демантира дали станува збор за приведување или самоиницијативно одење во полиција во моментов е најмалку важен. Многу поважно е што еден епископ на МПЦ во Австралија има работа со органите на прогонот. Наместо во црквите и манастирите, тој време поминува во полициска станица, а изминативе две децении и по судските палати.
Речиси неверојатно е и обвинувањето кое владиката Петар го упати на адреса на владиката Наум, дека тој стоел зад овој случај, со оглед на тоа што во Австралија не функционираат работите баш така како што функционираат на Балканот. Па приказната за наводни местенки од „моќниот Наум” од Македонија во Австралија, ретко кој може да ги апсорбира за веродостојни. Многу поверодостојно е дека сепак нешто таму преку океанот е проблем и тоа веројатно од доменот на кршење на закони, штом австралиската полиција се вмешала.
Во недостаток на официјална потврда за што точно станува збор, во јавноста се вртат најмалку две приказни. Едната е блиска до тезите на владиката Петар, дека станува збор за некаков спор меѓу двајцата игумени на МПЦ, а другата пак дека токму владиката Петар е во центарот на истрагата.
Она што засега со сигурност може да се потврди е дека во случајот се уште нема обвинение, туку процесот е во предистражна постапка, а во таква ситуација австралиските полициски служби не даваат официјални информации.
Кои се двете неофицијални и непотврдени можни сценарија?
Едното, според кое владиката Петар наводно е предмет на некаква предистражна постапка за административно-право функционирање во Австралија. Наводно се споменува некаков случај од доменот на финансиско работење на епархијата и обид да се избегне плаќање на судските трошоци од децениските спорови преку незаконско оттуѓување на црковен имот и функционирање на владиката Петар под двоен идентитет во Австралија. Митрополитот Петар овие информации во целост ги демантира, а за воља на вистината барем досега нема никакви официјални документи кои би потврдиле дека тоа е причината зошто тој се најде во полициска станица.
Другото сценарио е дека станува збор за некаков случај меѓу игумените Гаврил и Никодим. Такво нешто тврдеше и самиот митрополит Петар, посочувајќи „дека тие двајца се клеветеле, а полицијата барала од него да каже што знае”, на што владиката пред полиција кажал дека ништо не знае.
Според информациите објавени во австралиските медиуми уште во февруари оваа година, игуменот Никодим веќе подолго време бил предмет на истрага од австралиската полиција. Точно е дека случајот е поврзан со игуменот Гаврил. Според некои наши информации станува збор за прекршување на закон во Австралија кој се однесува на злоупотреба и кражба на лична пошта и незаконско следење. Имено, тоа го правел игуменот Никодим, а оштетен е игуменот Гаврил. Но, зошто владиката Петар би бил дел од овој случај?
Во приказната има и уште еден факт. Во февруари оваа година, владиката Петар кога беше во посета на Австралија добил покана за распит во полиција. Но, тој не се појавил и ја напуштил Австралија патувајќи за Македонија.
Добро упатените велат дека можеби токму неотповикувањето на првата покана и заминувањето од Австралија, го подгреало сомнежот кај австралиската полиција, која испратила детективи да го посети Владиката откако претходно регистрирала негов влез во Австралија.
