Владината програма на СДСМ и ДУИ ќе се заснова на следниве принципи

Заев по објавата дека е постигнат договор, сподели и дел од принципите на кои ќе се заснова новата владина програма:

Кадровска политика
Квалитетни, одговорни и отчетни кадри да бидат предложени за сите ресори од двете партии. Кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи од овој коалициски договор. Притоа треба да се запази и принципот на еднакво општество за сите, и родовата еднаквост.
Економска политика
Подобрување на економскиот стандард на сите граѓани. Зголемување на платите, нови работни места, перспектива за младите и рамномерен регионален развој. Грижа за најсиромашните граѓани и поддршка на домашниот приватен сектор како и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции.
Правда и правна држава
Неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа.
Прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер. Да биде за тоа воведен нов систем според европските практики.Да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите.
Екологија
Заштита на животната средина, воздухот, почвите и водите да биде еден од врвните приоритети во владината програма. Мобилизација на сите државни институции, сите државни службеници, сите студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници.Водење на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.
Законодавство
Спроведување на сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија. Укинување на Пржинска влада преку измени во Законот за Влада. Унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори.
Законите ќе се поднесуваат заеднички после претходна координација и усогласување, при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање закони во Собранието, со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и пратениците.
Администрација
Намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги. Ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор, коишто парламентот во претходниот состав веќе ги донесе.
– Принципите во целост ќе го следат патот кој го исцртавме со членството во НАТО, а тоа е патот определен низ Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста – порача Зоран Заев.

Останати вести