ВМРО-ДПМНЕ му ги нуди на Заев своите пратеници за сите реформски закони, само да не помине неуставниот закон за јазици

Белким реформските процеси се многу поважни отколку носењето на неуставен Закон за јазици, кој во иднина нема да и донесе ништо добро на Македонија.

– Уште еднаш повторувам дека Зоран Заев ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедувањето на парламентарно мнозинство и стабилноста на Владата, само да не потпаѓа под уцените кои се на штета на државата и да не го донесе неуставниот закон. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да учествува во изработка на законско решение кое е уставно, практично и применливо, порача деновиве лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Ако премиерот Заев има концесија, ние како политичка партија му стоиме на располагање. Ако е уценет преку таа концесија дека ќе му се распадне Владата и ако има таков договор за да остане Владата, ние како опозиција му се нудиме, со нашите парламентарни пратеници да ја поддржиме оваа Влада во сите овие реформски процеси, но само под еден услов, а тоа е да го тргне Законот за јазици од собраниската процедура. Нашата партија ќе ја поддржи Владата на Заев во носењето на сите реформски закони, безусловно, бидејќи иднината на оваа држава е во реформите – рече Мицкоски.
– Не е возможно законот да се донесе по демократски пат, а без притоа да се прекрши Деловникот на Собранието и не се изврши упад во процедурите, бидејќи ние (ВМРО-ДПМНЕ) нема да отстапиме од единствениот начин на покажување на демократски пркост а тоа се 36-те илјади веќе поднесени и прифатени амандмани. Жалам што за вакво крупно прашање не се земаат во предвид аргументите и фактите, туку практично се погазува Уставот и по секоја цена се обидува да се донесе закон кој не е уставен. Бидејќи ваков клучен закон се настојува да се донесе без дебата и разговор со опозицијата, да се игнорираат забелешките од претседателот на државата, само за да се задоволат одредени политички апетити јасно е за каков случај на пазарење на сметка на уставот и законот имаме.
Македонија не смее да функционира по принцип на преседани. Доколку се прекршат процедурите за носење на ова законско решение, тоа ќе значи воспоставување на нова незаконска пракса и истата ќе биде применувана во иднина. Затоа го повикувам премиерот и сите субјекти од власта уште еднаш да размислат пред да влезат во нов процес кој ќе значи нова политичка криза за Република Македонија, рече Мицкоски.

Останати вести