ВМРО-ДПМНЕ незаконски се финансирала и се богатела

Незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, нелегална изградба на партиската зграда, кинеските тендери за изградба на автопати, како и бесправно градење на викенд куќи се дел од новите три истраги на СЈО кои се водат под имињата: “Талир”, „Траекторија” и „Тревник”. СЈО како резултат на истрагата побара замрзнување на дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и на новата партиска зграда. Ама судот ова не го прифати.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и уште осуммина членови на највисокото раководство на партијата, овластени потписници на сметки како и двајцата досегашни директори на Центарот за комуникации, како што рече обвинителката од Специјалното обвинителство Фатиме Фетаи, осомничени се за перење на речиси пет милиони евра. Истрагата е именувана под кодно име „Талир” а се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Уште две лица од високите структури на партијата се осомничени за помагање.
“Оваа предистражна постапка успеа да ги идентификува лицата од раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие себеси се претставувале како чесни луѓе кои навидум работеле за интересите на партијата и стекнувале имот за неа. Сепак, за своето незаконско делување, од кое имале лична корист, ја искористиле партијата и во јавноста креирале мислење дека токму политичката партија е одговорна за незонското работење иако доказите обезбедени во предистражната постапка воопшто не упатуваат во таа насока”, изјави обивнителката Фетаи и продолжи:
„Првоосомничениот (Никола Груевски – н.з.) од периодот 1.01.2009 година до 31.12.2015 година, овозможил финансирање на партијата, спротивно на законот. Неговите мотиви биле исклучиво од лична природа, а биле поврзани со зацврстување на неговата политичка улога и позиција во партијата и во државата. Тој ги прифатил незаконските средства дадени на ВМРО-ДПМНЕ како донација, кои не смеел да ги прими, и место да ги одбие или уплати во буџетот за да бидат искористени за хуманитарни цели (као што одредува законот), тој ги задржал и со тоа овозможил противзаконски капитал за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата”, почна да ја објаснува Фетаи шемата за вртоглавото богатење на партијата на Груевски за тие седум години.
Таа додаде дека Груевски со парите од кривичното дело што го сторил формирал група на лица која се занимавала со перење на пари и, заедно со нив, овозможиле овие незаконски стекнати средства преку месните организации на ВМРО-ДПМНЕ да бидат внесени на жиро-сметката на партијата.
„За да станат легални тие пари, уплатени се на сметката на партијата како наводни донации на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Но при тоа во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на ВМРО-ДПМНЕ. До крајот на 2015 година, со перење пари на сметката нa ВМРО-ДПМНЕ на овој начин биле внесени 4,9 милиони евра”, кажа Фетаи.
Таа објасни како одело натаму прикривањето на овој милионски финансиски криминал од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и групата околу него.
„Дел од осомничените, со цел да го прикријат незаконското внесување на парите, во регистерот на завршните сметки ги прикажувале како редовни уплати, а потоа овие незаконски стекнати пари служеле за покривање на обврски што ги преземале овие и други членови на ВМРО-ДПМНЕ. Наведувале разни маркетиншки, кетеринг, хотелски услуги, нарачување на анкети, но купувале и недвижен имот. Така, во периодот од 2009 до крајот на 2015 година, бил склучен 71 договор за купопродажба на недвижен имот, кој бил платен од овие нелегално стекнати пари. Дел од имотот кој што е набавен, не бил во функција за остварување на целите и активностите на партијата”, рече Фетаи и покажа фотографии од станбени комерцијални згради и пасишта, на кои, како што нагласи, нема партиски обележја и не се користат за примарната функција на партијата.

Како жолтата зграда станала бела палата?
Според обвинителката Фетаи, ВМРО-ДПМНЕ незаконски ја стекнала и палатата “Д-р Христо Татарчев”, во која е сместено седиштето на партијата.
Објектот се наоѓа на местото на старата препознатлива жолта зграда што ВМРО-ДПМНЕ ја имаше порано.
Сегашната палата на приземје и 7 ката ја изгради скопски „Бетон” на бизнисменот Минчо Јорданов, откако партијата во договор од 2012 година го вложи земјиштето до улица „Македонија”, додека градежниот гигант се обврза да го изгради објектот и дел од него да и предаде на ВМРО-ДПМНЕ по принципот на „клуч на рака”. Другиот дел требаше да биде хотел, меѓутоа тој се уште не е завршен.
Договорот за изградба на објектот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон”, СЈО го третира како донација од градежната компанија кон политичката партија, бидејќи во него имало несразмерни права и обврски меѓу партнерите во полза на поранешната владејачка партија.
Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ го вложила само земјиштето вредно околу 1 милион и 250.000 евра, според проценка на СЈО, а добила седиште вредно 6,9 милиони евра и плус околу 2 милиони евра во пари, зашто просторот од палатата што го добила партијата бил за 634 квадрати помал од договорениот, па партнерите се пребиле со пари.
За вложени милион и 250.000 евра ВМРО-ДПМНЕ добиле пари и недвижен имот во вредност од речиси 9 милиони евра, а разликата СЈО од 7,8 милиони евра ја смета како незаконска донација на фирмата кон партијата.
Но, според законот, фирма која во моментот врши услуги за државни органи или за јавни установи, односно работи на тендери, не смее да донира на политичка партија. А “Бетон” беше една од најангажираните фирми за “Скопје 2014”.
Дополнително, законот предвидува партиите да ги одбијат и во рок од 30 дена да ги вратат ваквите донации или да ги уплатата на сметка на државниот буџет за хумани цели.
ВМРО-ДПМНЕ не постапило на тој начин, а лидерот на партијата Никола Груевски се товари бидејќи не ја искористил можноста да го спречи договорот, бидејќи статутот на партијата му дозволувал да не ја почитува одлуката на Извршниот комитет на партија со која бил избран „Бетон” за најповолен понудувач на јавниот повик летото 2012 година.
Земјиштето што ВМРО-ДПМНЕ го вложило во зделката со “Бетон” а кое сега СЈО го проценува на милион и 250.000 евра, партијата уште во 2009 година го купи за само 130.000 евра, што укажува дека влогот на партијата во зделката е уште помал од оној кој го пресметува Специјалното обвинителство.

„Траекторија”
Истрагата за вториот случај, наречен „Траекторија” е против поранешни четворица високи владини функционери кои се осомничени дека во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип ги злоупотребиле своите овластувања и го оштетиле буџетот на Македонија за најмалку 155 милиони евра. Иако две компании доставиле понуда на тендерот, осомничените преговорите ги воделе само со едната компанија од Кина и ја избрале нејзината повисока понуда.
“Постои основано сомнение дека во месец јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот, иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија и иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не била повикана на преговори доставила дополнителна пониска понуда, ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле, по што парафирале усогласен текст на договор за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда. Со ваквите дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија”, рече Фетаи.
Подоцна, нa прашањето околу процентот кој, како што можеше да се слушне во аудио снимките кои ги презентираше опозицијата, го земале осомничените, обвинителката Ристоска одговори дека и тоа е предмет на предистражна постапка.

„Тревник”
„Тревник” е околу бесправно градење на три викенд куќи во Зелениково. Се сомничат три лица (меѓу нив е и Драган Павловиќ Латас) но за ниту едно од нив СЈО не побарало изрекување мерка притвор.
Трите викендици започнале да се градат во 2011 година, а одобрение за градба е добиено во 2013 година, кога веќе биле завршени.
– Според прибавените докази, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење на истите, како и останата документација, овие три викенд куќи биле започнати да се градат во 2011 година, а одобрение за градење на истите од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени. Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрвин правосилно одобрение за градење, па отпочнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви со соодветното кривично дело, Бесправно градење од член 244 а став 1 од КЗ, за кое е и отворена оваа истрага, рече Фетаи.

Останати вести