Власта си ја врати својата Влада, откако четирите партии констатирале дека пржинската влада е нефункционална и откако не успеале да се договорат за друг формат на влада до избори како и за целосно укинување на аболицијата. Оваа Влада, како што беше најавено, ќе функционира до 100 пред новите избори.
Премиерот Емил Димитриев уште во средата попладнето ги активираше оставките на двајцата министри и тројцата дополнителни заменик-министри од СДСМ, кои беа поднесени на 6 април. На местата на Оливер Спасовски (МВР) и Фросина Ременски (МТСП) се вратија Митко Чавков и Диме Спасов, додека на тројцата дополнителни заменик-министри на СДСМ (во Финансии, Земјоделство и Администрација) им беше само констатирана оставката.
Опозициските СДСМ и ДПА ваквиот потег го оценија како сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ја вратат старата влада и да не се повлече аболицијата. Ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека на овој начин наоѓа оправдување пред своето избирачко тело кое беше ангажирано до последниот ден дека ќе има избори на 5 јуни, како и дека сака да ги заштити осомничените високи партиски функционери од кривично гонење.
Од СДСМ не откриваат како ќе се позиционираат во новата ситуација, но додаваат дека нема да седат со скрстени раце. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи изјави дека е важно деблокирањето на Собранието, но оти е многу важно каква влада ќе имаме.
Договорот од Пржино е мртов! Не е мртов!
Практично, сега се исполнети половина од предусловите што ги бараше СДСМ за да продолжат преговорите за излез од политичката криза. Се реституира Собранието и се одложија изборите, но ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од селективната аболиција.
Во преговорите што со посредство на меѓународните претставници се одвивале од почетокот на мај СДСМ предлагала брзи избори – на 25 септември или на 2 октомври, но на ВМРО-ДПМНЕ не и се допаѓал предлогот за повторно отворање на прашањето со Избирачкиот список и тоа преку активна регистрација на гласачите. Тешко е да се поверува дека државата ќе издржи без нови избори до крајот на годината, иако странците предлагаат тие да се одржат напролет 2017, заедно со локалните. Кога ќе има нови парламентарни избори ќе се види од работата на Специјалното јавно обвинителство, односно од тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ја задржи селективната аболиција и да ги заштити своите функционери.
– Власта се вади дека преку нашиот предлог за активна регистрација сме ги саботирале преговорите. На партиите на Албанците дури им понудивме пред избори активната регистрација да трае 4 или 5 месеци за гласачите да имаат време да се пријават и никој што има право на глас да не остане неевидентиран. По одлуката за враќање на старата влада јасно е дека ова е сценарио на власта да пропаднат разговорите за да не се повлече одлуката за аболиција. Допрва ќе се позиционираме на следните чекори, се е отворено дури и активирање на политичките бомби – брифираат од СДСМ.
Според една изјава на Зоран Заев, сега Договорот од Пржино е мртов. Но од друга страна министерот за здравство Никола Тодоров тврди дека тој се уште е активен и дека ВМРО-ДПМНЕ работи на неговото исполнување.
Ниту странците се уште не се спремни да признаат дека “Пржино 1 и 2” повеќе не важи. Тие засега цврсто бараат тој да се почитува (!?), иако е јасно дека наскоро ќе имаме “Пржино 3” а можеби и други продолженија.
Засега нема најави како понатаму ќе се одвиваат преговорите, кои несомнено мора да продолжат и тоа со уште посилен притисок од меѓународните претставници. Преломно ќе биде дали ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ја одбрани селективната аболиција, што ќе се знае за 30 дена.