Надлежната комисија во Собранието на Македонија нема неделава да го разгледува Законот за Попис 2020 откако реагираше ВМРО-ДПМНЕ со забелешки.
– ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во спроведувањето на пописот на населението зашто овој закон е изготвен на шверцерски начин, според договор на Заев и Ахмети, предупреди Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој го обвини премиерот Зоран Заев дека се обидува по скратена постапка, без консултација и дебата со опозицијата да протне важен законски текст. Порача дека доколку власта се одлучи да продолжи со таков начин на носење на законското решение, се отвора можност ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од граѓаните да не учествуваат во пописот.
По оваа реакција, на барање на лидерот Ахмети е одложена собраниската комисија за разгледување на законот кој доби европско знаменце. Ќе се чека Заев да се врати од посетата на Берлин па потоа комисија да ги договори деталите од пописот.
Ќе испадне дека има над 30% Албанци!?
Лидерот на опозицијата Мицкоски е сосема конкретен во забелешките. За него е спорно барањето на ДУИ пописот да биде само со матичен број на граѓанинот. Во предлог-законот се вели дека “како жител на државата ќе се попише и нејзиниот државјанин кој, иако во моментот на пописот не е тука или е на привремен престој во странство, ќе биде регистриран доколку негов близок роднина на истата адреса го пријави неговиот единствен матичен број”.
Според информацијата на порталот Магазин.мк тоа значи дека “сите гастарбајтери и нивните семејства кои подолги години живеат и работат во Цирих, Базел, Љубљана или Чикаго, од страна на нивните роднини во Македонија, иако отсутни, ќе бидат попишани како жители на Тетово, Гостивар, Зајас или Арачиново. Со ваквата етно-политичка пописна норма, на пример, селото Колари (родното село на мајката на Али Ахмети), иако во моментов фактички има само околу 300-350 постојани жители, откако ќе се попишат и сите иселеници кои живеат во Швајцарија и Америка, заедно со нивните деца, фиктивно ќе испадне дека селото има 750-800 жители. Ваквите пописни податоци би биле неверодостојни, а Албанците во Македонија од 25% на последниот попис, вештачки би скокнале на 30%!”.
Мицкоски укажува дека предлог-законот за попис, договорен меѓу СДСМ и ДУИ, е спротивен и на стандардите во ЕУ и регулативата 763/2008 која е усвоена од Европскиот парламент и објавена во “Службениот весник на ЕУ”.
Членот 2 од оваа регулатива, која има законска важност во сите членки на ЕУ, како лице жител/население се дефинира “секој кој има најмалку една година постојано присуство на одредена адреса, пред пописот во таа земја”. Тоа значи дека сите оние македонски државјани кои имаат адреса на живеење во странство повеже од една година може да се попишат само во земјата во која се преселиле. Никако и во Македонија. За нив може да има посебен регистар, но не може да влезат во македонскиот попис.
Пописот во 2011 не успеа токму поради манипулациите со иселениците
Според мислењето на опозицијата ваквото прикажување на дијаспората како активни жители на Македонија му било ветено на Ахмети од страна на премиерот Заев меѓу двата круга од претседателските избори, во замена за поголем број на гласови за победа на кандидатот Стево Пендаровски. За возврат Заев наводно побарал поддршка од ДУИ и за измена на изборниот законик со една изборна единица, без цензус, модел со кој СДСМ се надева дека полесно ќе помине на следните парламентарни избори.
Од СДСМ, пак, возвратија дека пописот е неопходна статистичка операција за да може да се реализира плански развој на целото општество.
„ВМРО ДПМНЕ, освен што шири невистини, нема ама баш никаков кредибилитет да зборува за попис. Цели 11 години на власт ВМРО ДПМНЕ не успеа да организира попис. Дури и оној што го започна, поради политички игри го прекина а потроши над 3 милиони евра народни пари. Сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарента, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат”, се наведува во реакцијата од влаејачката партија.
Инаку пописот на населението во Република Македонија во 2020 година планирано е да се спроведе од 1 до 21 април. На терен ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод што подразбира покрај корисење податоци на терен, и податоци од регистри. Според проценките пописот ќе чини 8,5 милиони евра (околу А$ 13.7 милиона).