ВМРО–ДПМНЕ официјално во опозиција, Груевски останува лидер

ВМРО-ДПМНЕ и официјално замина во опозиција. На седница на Извршниот комитет на партијата лидерот Никола Груевски ја образложил позицијата во која сега се наоѓаат. Тој им соопштил на сопартијците дека заминуваат во опозиција и побарал од носителите на јавни функции да не прават никакви проблеми и да ги остават печатите.

Според информации на порталот “Фактор”, Никола Груевски на таа седница им порачал на сопартијците дека наводно е уморен веќе, дека речиси и не може да наиде на пријателски однос од меѓународната заедница, дека сите врати веќе им се затворени и дека партијата од средината на мај оди во опозиција.
Поради ова се појавија и шпекулации дека нема да биде изненадување доколку се случи Груевски да се повлече од партиските активности, конкретно од лидер на партијата, и тоа уште на следниот конгрес. Веднаш почна лицитирањето со имиња на можниот наследник, но од ВМРО-ДПМНЕ веднаш демантираа дека би можело да има смена на лидерската позиција. Членството стои цврсто зад Никола Груевски.
ЦК го осуди нелегалниот избор на претседател на Собранието
Во партиското известување од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека оваа партија го осудува нелегалниот обид за избор на Претседател на Собранието што воедно претставува насилство врз институциите, пред се Уставот, законите и пропишаниот деловник.
Непочитувањето на Уставот е непочитување на државата Република Македонија и може да претставува опасен вовед во нова пракса на девалвирање на државата и институциите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осуди и шверцерското и нелегално постапување на пратениците Горан Мисовски и Ферид Мухиќ кои со своите незаконски дејствија испратија провокација кон граѓаните на Македонија и тие за ваквото однесување мора кривично да одговараат.
Само строгото казнување на ваквото антидржавно однесување ќе спречи да се повторува газењето врз Уставот и законите. За Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ обидот за воспoставување на нелегални институции би направило преседан кој во иднина може да се злоупотреби, и да стане вообичаена пракса и на тој начин да се суспендира волјата на граѓаните изразена на изборите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ испраќа апел до СДС и нејзиното раководство јасно, недвосмислено и во целост да се откаже од Тиранската платформа, создадена, промовирана и прифатена во соседна држава.

ГРУЕВСКИ: АКО МНОЗИНСТВОТО ВЛАДЕЕ БЕЗ ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ТОГАШ Е ДИКТАТУРА
“Во демократско општество владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност преставува и се нарекува диктатура. Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту пак дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт”, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски преку неговата официјална Фејсбук страница.

СДСМ: МАКЕДОНИЈА ЈА ОЧЕКУВА НОВАТА ВЛАДА, ВМРО-ДПМНЕ ДА БИДЕ КОНСТРУКТИВНА ОПОЗИЦИЈА
„ВМРО-ДПМНЕ мора да најде сила да биде конструктивна опозиција којашто ќе ги поддржи реформските процеси, наместо да продолжуваат со лагите за личните интереси на Никола Груевски, порачаа од СДСМ.
“Злоделата и криминалните врски на раководството на ВМРО-ДПМНЕ со убијци, криминалци и проблематични разуздани структури кои тешко повредија пратеници, новинари и вработени во Собранието на Р. Македонија ги виде цела домашна и меѓунарoдна јавност и тие не смеат да се повторат. Сите поттикнувања на омраза, тензии и насилни активности се тешки противуставни кривични дела за коишто законски се одговара. Сите сега ја очекуваат новата реформска Влада на граѓаните на Македонија којашто е државен приоритет”, се наведува во партиското соопштение на СДСМ.

Останати вести