СО ДОСЕГА НАЈЖЕСТОК ГОВОР ГРУЕВСКИ ПРЕД ЖЕНИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ:
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 16. конгрес на Унијата на жени на партијата одржа говор од речиси половина час кој не остави никого рамнодушен.
Пламено зборуваше за тоа кои се ангелите а кои ѓаволот на македонската политичка сцена, потенцирање дека имаме “силуван Устав” ама дека наскоро ќе има “бркања на клоци”, објави неколку нови инвестиции на стари инвеститори и го бетонираше датумот за избори.
– На 24 април народот ќе испрати 4 силни и кристално јасни пораки. Народот ќе одлучи и ќе им каже на сите дека е господар на државата и нема да дозволи валкани политичари да дојдат на власт, прогласи Груевски.
Тој во својот говор дури 52 пати го употреби зборот народ, а ниту еднаш граѓани. Најави дека на 24-ти април ќе има “стампедо на избори, а народот ќе си ги врати институциите кои се одземени со силување на Уставот”.
– Мислам дека после тоа, по оваа лекција која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине долго, многу долго време пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Четвртата изборна порака ќе биде тоа што народот ќе покаже дека е мудар, кажа Груевски.
– Дека народот е мудар, а не е глупав како што некој мисли, дека е попаметен од многу служби и нивните црпнати експоненти. Во април,народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери, објави Груевски и доби силен аплауз.
Се слушна и нешто што ретко се слуша, дека тој и неговиот тим не се ангели и не се безгрешни, но народот им простува затоа што со полно срце работат за него. Спомнувањето на “Натемаго” пак се појави во делот за противничкиот табор – дека ѓаволот ќе си дојде по своето. Груевски не го именуваше ѓаволот, но СДСМ го прогласи за негов инструмент.
– Поминавме година во која НЕКОЈ, користејќи го СДСМ, сакаше на најможно валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија, и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси, рече Груевски.
Пред сите присутни Груевски по критиките за појавување на промоција на владини проекти како премиер, најави 5 нови инвестиции меѓу кои и новите фабрики на “Ванхол” и “Џонсон контрол”. Порача дека сега уште почесто ќе го гледаат меѓу народот затоа што тој е избран и е посветен на решавање на неговите проблеми, а сега по оставката дури и му е полесно.
– Ќе ме гледате повеќе одколку во минатото бидејќи, полни со омрза кон мене, сакајќи да ме тргнете, ме ослободивте од многу административни, куртоазни и формални обврски за кои како премиер морав да посветам време, а сега не морам. И, знаете што? Гледајте и учете како се работи за Македонија, независно на која позиција сте, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски потенцираше дека се неприфатливи тврдењата на СДСМ за неможност да се организираат фер и демократски избори на 24 април.
– Не може опозицијата да ги има во свои раце двете институции кои по закон и Устав се единствени кои ги организираат изборите во државата – тоа се МВР и ДИК – и притоа да го прави народот будала дека не може да се организираат фер и демократски избори, а тој ги држи овие две институции, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Од МВР не соопштуваат колку полицајци се побарани, но потврдија дека поради опасната задача и Јанева и сите обвинители ќе добијат соодветно физичко обезбедување.
Инаку, според планот за работа на Специјалното обвинителство, 30 полицајци и припадници на МВР треба редовно да се грижат за безбедноста на објектот и на доказите, како и за безбедноста на специјалните обвинители и истражителите. Од Специјалното обвинителство досега не кажаа дали Груевски досега бил повикан во рамките на нивните истраги, објаснувајќи дека предистражните постапки се тајни.
ПО ГОВОРОТ НА ГРУЕВСКИ, КАТИЦА ЈАНЕВА ПОБАРА ЗАСИЛЕНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ
Сочниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика сериозна загриженост на Специјалното обвинителство. Откако Груевски во својот говор на конференцијата на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ ја спомна Катица Јанева меѓу наводните “продавачи на магли”, од Специјалното обвинителство одлучија да побараат од МВР зголемени безбедносните мерки.
– Во однос на јавното обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да искажеме дека како јавно обвинителство сме сериозно загрижени, поради што ова јавно обвинителство одлучи да ги зголеми мерките за безбедност. Во оваа насока појаснуваме дека од Министерството за внатрешни работи е побарано да бидат доделени на работа на ова јавно обвинителство лица кои ќе работат и на лично обезбедување на јавните обвинители, стои во одговорот на обвинителството предводено од Катица Јанева.
ЕУ ГО ПОТСЕТИ ГРУЕВСКИ ДЕКА ТРЕБА ДА ЈА ПОЧИТУВА РАБОТАТА НА ЈАНЕВА И РАБОТНАТА ГРУПА
Мисијата на Европската унија во Македонија се огласи со порака по обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски: “Работата на специјалната обвинителка и работната група треба да биде почитувана од сите потписници на Договорот од Пржино”.
Дополнително, британскиот амбасадор Чарлс Гарет изјави дека сите што го потпишале Пржинскиот договор мора да го испорачаат она што го ветиле.
Директно прозваните во говорот на Груевски – Ванхауте и Јанева не сакаат да коментираат.