Заев: Во август ќе ја составиме новата влада, Мицкоски е аутсајдер

Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме” на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто за „А1он”.

За него Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се аутсајдери и на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се заробени од груевизмот.
Во однос на малиот одѕив на граѓаните на изборите, Заев тврди дека за тоа има три причини: стравот од коронавирусот, времето на нивното одржување (среде лето) и црната кампања што ја водела ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ветува дека во август ќе биде заокружен изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.
Пренесуваме дел од интервјуто.
Господине Заев, СДСМ победи со речиси 12.000 гласа повеќе пред ВМРО-ДПМНЕ. Ако се гледа од аспект на 2016 година и тоа дека на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, тогаш може и да се смета за успех. Но, доколку се има предвид дека се најавуваше поголема победа и дека повторно коалицијата зависи од ДУИ, тогаш може ли да се нарече успех? Како Вие сте задоволен од резултатот?
– Имавме фер, демократски и кристално чисти избори, кои го покажаа демократскиот капацитет на нашата земја, но и на СДСМ како политичка опција и владејачка партија. Еве, и во третиот изборен циклус граѓаните слободно и демократски гласаат, овој пат и во специфични ковид-услови, а СДСМ трет пат победува. Има ли поголем успех од тоа граѓаните да ти доверат победа во услови на слобода? Има ли поголема победа од тоа да добиеш мнозинство во слобода наспроти мнозинствата што Груевски ги добиваше под принуда?
Успехот од овие избори, кој мене ме прави исклучително горд, е што граѓаните на јасен и недвосмислен начин ги потврдија европската определба и европската иднина на нашата земја. Победата на СДСМ и коалицијата „Можеме”, поддршката што ја добивме на овие избори, се јасен показател дека мнозинството граѓани сакаат европска, безбедна, просперитетна, економски напредна Република Северна Македонија. Држава која храбро ќе чекори напред, која ќе освојува нови пазари, која ќе гради нови перспективи, која ќе ги негува добрососедските односи и ќе создава нови пријателства.
Изборната победа е уште една потврда, но и поддршка на политиките на СДСМ, на преспанскиот договор и на договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив, а тоа ме прави особено горд и среќен.
Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за преиспитување на договорите со Грција и Бугарија, загрозувањето на нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски пат – добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички политики немаат иднина на нашата политичка сцена.
Тоа се покажа на овие избори, а ќе се покаже и на секои наредни.
Колкави се шансите СДСМ да формира влада и дали тоа во моментот е можно само со ДУИ, која остана на условот Насер Зибери да биде премиер, односно услов за кој кажавте дека не го прифаќате?
– Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници.
Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме” на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот.
СДСМ има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија. И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот, кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата.
Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес, на кој чекавме 30 години.
Затоа, сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на предвидените рокови од Уставот, СДСМ ќе обезбеди функционална влада.
Се слушнавте ли со Мицкоски по изборите? Му понудивте или побаравте ли соработка во идната влада? На еден ТВ дуел се насетуваше договор, доколку на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ му требаат пратеници, да си помогнате. Но, уште следниот ден Мицкоски кажа дека нема намера да коалицира со лица обвинети за криминал, односно со Зоран Заев. Кој е вашиот став?
– За жал Мицкоски повторно покажа дека нема никаква ниту политичка култура, ниту пак има капацитет достоинствено да прими пораз. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори доживеаја јасен и недвосмислен пораз на фер и демократски изборен натпревар.
Исто како и за локалните и за претседателските избори, така и сега кукавички се сокри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Тоа само зборува за неговиот демократски капацитет, за неговиот вредносен потенцијал, но и за неговата општа култура.
Мицкоски е аутсајдер, a ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори покажа дека има сериозен проблем и дека е заробена од груевизмот. Оваа илузија на ДПМНЕ дека победиле на избори на кои имаат два пратеници помалку од победникот беше смешна до синоќа, зашто граѓаните мислеа дека само Мицкоски така си замислил. Но, после ставот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, оваа нивна илузија е навистина загрижувачка за нивната партија. Белата палата има сериозен проблем, им посакувам што поскоро да им се случи демократија, а тоа е можно само откако ќе се помират дека граѓаните одлучија да продолжиме напред и откако ќе се свртат кон внатрешна реформа.
Бујар Османи за грчки „Етнос” кажа дека ДУИ е победник на изборите и дека тие треба да го добијат мандатот и да одлучат со кого ќе формираат влада, дали со СДСМ или со ВМРО -ДПМНЕ. Дали ја сфаќате пораката до вас?
– Во парламентарна демократија многу е јасно кој го добива мандатот за формирање на Влада. Тоа е првопласираната, а не третопласираната партија и затоа навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави.
Ароганцијата и потценувањето на граѓаните не носи резултати. Резултати може да донесат само заложбите за државата да ни продолжи по правиот пат, по европскиот пат, по економскиот пат и по патот на правдата. Тие што се спремни да се приклучат на овој пат ќе ја испишуваат новата современа историја на нашата држава.
Ден по изборите заминавте на одмор, а тоа предизвика реакции во јавноста од типот дека заминавте на одмор, откако баравте итни избори за стабилна влада за справување со коронавирусот. Како го оправдувате тоа?
– Јас сум во земјата, дојдов на неколку дена во Струмица и на неколку места низ државата. Сметам дека ова намалување на интензитетот на партиска и политичка комуникација во јавност е добредојден за граѓаните, после интензивната изборна кампања.
Тоа што јас имам неколку слободни денови не значи дека партијата и Владата не функционираат или дека не следиме што се случува или дека не ги движиме процесите.
Процесот на конституирање на Собранието и формирањето на новата Влада ќе се случат во рамки на законските рокови, а тоа значи дека пред есента државта ќе има целосно функционални институции.
Имајте предвид дека се уште трае периодот на приговори до ДИК и жалби до Управен суд. После тоа следува верификација на мандатите на пратениците, конституирање на Собранието, после што претседателот има 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот после тоа во рок од 20 треба да состави предлог за Влада.
Август ќе биде изразено активен политички месец кога Северна Македонија ќе го заокружи изборниот процес и ќе ги стави во функција новото Собрание и новата Влада.

(А1.он)

Останати вести