ВО АВИОН: Австралијците сакаат да пијат, Кинезите да спијат

Асоцијацијата за патнички искуства во авиосообраќајот (АПЕКС) спровела интервјуа со 1.500 патници меѓу кои и од САД, Обединетото Кралство, Германија, Кина и Австралија. Ова се нивните навики при патување. 

Дали ќе започнете разговор со лицето што седи до вас во авион, ќе извадите книга да читате или, пак, ќе дремнете, зависело од вашата националност, тврди едно истражување на Асоцијацијата на патнички искуства во сообраќајот.

Резултатите од истражувањето спроведено на 1.500 лица на возраст над 18 години од неколку земји покажува дека постои поврзаност помеѓу активноста што ќе се избере за да се исполни времето во текот на летањето и националноста.

Па, така Австралијците се покажале како најголеми љубители на пиењето алкохол – 36% посочиле дека сакаат да си нарачаат алкохолен пијалак од стјуардесата, споредено со Американците и со Британците кај кои овој процент изнесува 33.

Кинезите, пак, најмногу сакаат да си дремнат или да играат видеоигрици, но исто така, споредено со другите националности вклучени во истражувањето, се и шампиони во купување разни производи во текот на летот.

Германцте и Британците за 50% повеќе од останатите националности сакаат да си поразговараат со луѓето кои патуваат со истиот лет.

Американците претпочитаат попродуктивно да го минат времето во авион, работејќи нешто на својот лаптоп, се разбира кога нема да се решат да си потпивнат.

Во однос на останатите аспекти на летањето, испитаниците изјавиле дека забележуваат големо подобрување во однос на комфорот и забавните активности што се нудат во текот на летот, но сè уште гледаат простор за подобрување.

Иако авионската храна има лоша репутација, седум од секои 10 испитаници се изјасниле дека со задоволство си каснуваат од она што ќе им се понуди како закуска или оброк во текот на летот. Магазините што се делат во авионот, исто така, го привлекуваат вниманието на многу патници – четири на секои пет патници изјавиле дека редовно ги читаат.

(Дејли мејл)

Останати вести