Во Мелбурн гордо се развеа знамето на Република Македонија

За Денот на независноста на Република Македонија во центарот на Мелбурн Советот на македонската заедница од Мелбурн и Викторија ја одржа традиционалната церемонија на подигање на знамињата.

Настанот беше под покровителство на Генералниот конзулат на Република Македонија.
На Плоштадот на Федерацијата, што се наоѓа во непосредна близина на главната метро станица се интонираа химните на Австралија и Македонија и се подигнаа осумте знамиња во чест на македонскиот Ден на независноста кои гордо се вееја целиот ден. Оваа пракса е воспоставена пред долга низа години и градот Мелбурн ја прави во чест на мултикултурата притоа овозможувајќи им на сите заедници да ги одбележат значајните празници.
Настанот го водеше Александар Тодоров, а пред присутните се обратија претседателот на Советот Зоран Здравески, конзулката Бети Коруновска и Ордан Андреевски, директор на ОМД за Австралија.
Независноста за македонската држава е македонскиот вековен сон што се оствари пред точно 25 години, односно во 1991 година. Таа 1991 година претставува кулминација на вековната борба за постигнување на независна македонска држава. Сонот на многубројни генерации и целта на неброените херои се оствари токму на 8 септември 1991 година.

На годинашната церемонија беше присутен и Крсте Пачовски, 95 годишен пензионер, учесник во ослободувањето на Македонија од нацистичките окупатори како партизан од 7-та Македонска бригада. Овој горд македонец со потекло од битолското с. Драгош најдобро знае како со крв е извојувана денешната независност на Република Македонија. Како признание за неговото учество во Втората светска војна има добиено одликување за 60-годишнината од завршувањето на војната.

Останати вести