Минатава сабота во центарот на Мелбурн се одржа кревање на знамињата по повод 8 септември Денот на независноста на Македонија.
Ова беше десетта годишнина откако е воспоставена оваа традиција во која се подигаат на јарбол осум знамиња на Република Макеоднија и се веат преку целиот ден на Federation Square во центарот на Мелбурн. Настанот изгледаше освежен и збогатен со учество на КУД Јане Сандански кој со своите играорци ја разубави програмата и нашата локална пејачка Вера Паческоска –Трајкоска која во живо ги отпеа химните на Австралија и Македонија, гајдата на Танас Цуцулис. Зоран Здравески, претседател на Советот на Македонската заедница за Мелбурн и Викторија и организатор на настанот одржа пригоден говор. Тука беа и претставниците на МПЦ со отец Ефтим Бетински и игумен Гаврил. Свое обраќање имаа и Анџелик Соклев Тасески, Меги Николовска и Ѓорги Георгиевски кои со силен говор изјавија дека нашата заедница треба да остане цврста и одлучна во одбрана на Македонскиот идентитет. Тука беа и најстарите играорки со друштвото “Весели Македонки” – на крајот од програмата направија големо семакедонско оро на плоштадот на Федерацијата.
На церемонијата со кревање на знамето на Р. Македонија, го забележавме и поранешниот претседател на Советот на Македонската заедница за Мелбурн и Викторија, господиног Злате Нически. Тој заедно со неговата управа е најзаслужниот за започнувањето на овој настан во 2008 година, кога успеа да издејствува од градот Мелбурн да се вее знамето за Денот на независноста. Исто така во тоа време беа обезбедени осумте знамиња од Македонија кои после секоја церемонија се враќаат во конзулатот на Република Македонија да се чуваат за следната година.
За жал, дел од акциите на Злате Ничевски веќе не ги одржува Советот на Македонската заедница, како Илинденскиот бал, Пролетниот фестивал на храната и постојаната активност што во негово време беше исклучително забележителна од политичарите во Австралија.









