Гласањето за локалните избори во Викторија веќе e во тек за повеќе од 4,33 милиони гласачи, и почна праќањето на гласачките комплети за овие први општински избори на кои гласањето во целост ќе се одвива по пошта.
Шефот на Изборната комисија, Ворвик Гејтли (Warwick Gately) ги поттикнува луѓето да гласаат колку што е можно поскоро.
„Бидејќи изборите се спроведуваат по пошта, гласачите мора да ги пополнат и вратат своите гласачки материјали колку што е можно поскоро за да бидат сигурни дека нивниот глас ќе стигне навреме”, рече Гејтли.
Гласачите треба да ги пополнат и вратат своите гласачки материјали веднаш штом ќе ги добијат. Пополнетите гласачки ливчиња мора да бидат пратени по пошта или доставени на рака во изборната канцеларија (election office) до 6 часот попладне во петок, 23 октомври. Локалното време кога се собира поштата може да се разликува, па затоа гласачите треба да проверат во кое време се собира поштата во нивното подрачје за да се осигурат дека нивниот глас ќе биде навремено испратен по пошта.
Гласачите што нема да добијат гласачки комплет до петок, 16 октомври, треба да се јават во својата изборна канцеларија за да им биде пратен нов комплет. Посетете го vec.vic.gov.au за контактните детали на вашата локална изборна канцеларија.
Гласањето е задолжително за сите полнолетни гласачи што се запишани во државните избирачки списоци до 4 часот попладне во петокот на 28 август, а ги поттикнуваме да гласаат и оние гласачи што не се запишани во државните избирачки списоци туку само во избирачките списоци за локалните избори. Гласачите што се запишани во државните избирачки списоци може да бидат парично казнети ако не гласаат.
За гласачите што се запишани во избирачките списоци за локалните избори за Melbourne City Council, гласањето е задолжително за сите гласачи во избирачките списоци – и за тие од државните, и за тие од локалните избирачки списоци.
Во оние локални општини во кои, по завршувањето на кандидирањето, бројот на кандидати е ист како бројот на расположиви места, ќе нема потреба да се гласа и кандидатите ќе бидат избрани автоматски без гласање. Во тој случај гласачите во изборните општини каде што изборите ќе се извршат без гласање ќе бидат известени дека нема потреба да гласаат.
По завршувањето на кандидирањето, имаше недоволен број на пријавени кандидати за да ги пополнат местата за East Ward во Hindmarsh Shire Council.
Не беа примени номинации за пополнување на еден советник за South West Ward во Northern Grampians Shire Council. Како резултат на тоа, локалните избори во South West Ward во 2020 година не успеаја.
Дополнителни избори за пополнување на испразнетите места во East Ward во Hindmarsh Shire Council и South West Ward во Northern Grampians Shire Council ќе се одржат подоцна.