ВОДИЦИ – БОГОЈАВЛЕНИЕ

Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан.

Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, кому не сум достоен да му ги одврзам ни ременчињата на обувките негови. Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.” (Лука, 3/16).
На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Македонската Православна црква Св. Петка во Рокдаел, која е дел од Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ – ОА, возглавена од Митрополитот Тимотеј, беше отслужена светата литургија од парохискиот свештеник Владо Недески и првиот парох на МПЦ Св. Петка (сега пензионираниот) Александар Ивановски. Беше осветена водата и одржана лицитација односно јавно надавање на иконите, кои верниците ги откупуваат и после шесте недели повторно ги враќаат во црквата. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година во своите домови. Потоа присутните верници се упатија во месноста Куeemagh каде свештеникот Владо Недески ја отпеа молитвата и го фрли крстот во океанските води. По крстот скокнаа дваесетина момчиња, но најстреќен меѓу нив беше Александар Муфовски кој го извади крстот од океанските води. Среќниот Александар беше удостоен со подароци во име на управата на МПЦ Св. Петка со златен крст и ланец, и една икона, кои му ги врачи отец Владо Недески.

Кире Циревски

Минатата седмица православните верници го прославија Богојавление – Водици, еден од најголемите и најзначајните христијански празници. Првиот монах на МПЦ – ОА во Австралија, почитуваниот Архимандрит Гаврил Галев, игумен на манастирот „Свети Климент Охридски” во Кинг Лејк, заради потребите на МПЦ има служено во повеќе манастири и цркви, а за Водици тој беше во Аделаид.
Поради рестрикциите од коронавирусот, годинава во Австралија за Водици во Мелбурн и Сиднеј мораше да се носат маски и имаше ограничувања за Богослужение. Но во Аделаид тоа беше порелаксирано и македонската заедница во Јужна Австралија непречено го одбележа големиот христијански празник.
Богојавление се одбележува свечено во сите црковни општини каде живеат Македонци во Австралија со фрлање на ритуалниот крст во водена површина: река, езеро или базен, а луѓето скокаа во водата и се обидуваа да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени а оној што ќе го извади крстот ќе биде среќен во текот на целата година.

Останати вести