Воена реторика ја тресе Босна

Пензиониран генерал од Босна се закани дека босанските Срби нема да можат да се спротивстават на федерални сили повеќе од 15 дена
Во најжестоката размена на зборови за војна по 1990-тите, Србија ја предупреди БиХ дека ќе им помогне на босанските Срби ако бидат нападнати.

Агенцијата Асошиетед прес пренесува дека министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија „сигурно нема да дозволи уништување или воен напад” на автономниот босански ентитет Република Српска, формирана врз основа на мировниот договор постигнат со посредство на САД, со кој е поделена Босна.
Во статијата под наслов „Повторно воена реторика на Балканот”, АП укажува дека „Дачиќ реагирал на изјавата на воениот командант на армијата на Босна и Херцеговина Сафер Халиловиќ, кој рече дека без српска помош, босанските Срби не би биле во можност да се спротивстават на федерални сили (БиХ) повеќе од 15 дена”. АП укажува на тоа дека Халиловиќ е пензиониран генерал и дека тоа го изјавил за локална босанска телевизија како и дека „тој не зборува од каква било службена должност”.
„Независне новине” од Бања Лука пренесоа дека Халиловиќ „се закани” со конфликт, во кој рече дека босанскиот ентитет Република Српска ќе исчезне ако се спроведе референдум за установување на Ден на Република Српска. За ТВ1 тој уште додаде дека тоа ќе значи „распакување” на Дејтонскиот мировен договор и враќање на Уставот на Република Босна и Херцеговина.
Српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека е „загрижен од изјавата и од заканите за мирот”, на поранешниот командант на армијата на Босна и Херцеговина, Сефер Халиловиќ. Генералот и поранешен началник на воениот штаб на Армијата на БиХ, Сефер Халиловиќ, изјави дека војна провоцираат тие кои инсистираат на референдум. Изјавата за ТВ Н1 ја даде по острите реакции на српски официјални лица на неговата закана дека нема да ја има РС ако се одржи референдум.
„Никој разумен не сака судир. Но, не може човек да дозволи нацисти да бидат наградени со 50 отсто територија на БиХ”, изјави Халиловиќ, пренесе Танјуг.
Според него, „војната ја провоцираат тие кои не почитуваат одлука на Уставен суд”.
„Војна провоцираат оние кои не почитуваат ни држава ни никого. Очигледно на тој начин свртуваат внимание од својот криминал на воени теми”, нагласи Халиловиќ за ТВ Н1.
Како што пренесува Танјуг од српската делегација во Њујорк (каде што Вучиќ учествуваат во работата на Генералното собрание на ОН), претседателот на Владата на Србија не ја исклучувал можноста да се врати во земјата, доколку тоа го налага ситуацијата.
Претседателот на РС, Милорад Додик, рече дека „најновите закана за Србите во Република Српска, која ја испрати воениот командант на Армијата на Босна и Херцеговина, Сефер Халиловиќ, уште една во низата кои сакаат да поттикнат војна од пропаднатиот генерал, кој не бил добар ни за Бошњаците”. „Халиловиќ е празна мешина која пука во празно”, изјави Додик за порталот „Информер.рс”. Тој порача дека „РС никој не може да ја уништи, ниту некој ќе ни ја киднапира”.
АП потсетува дека Република Српска која агенцијата ја нарекува „мини-држава”ќе одржи референдум за одредување на 9 јануари како датум на националниот празник на Република Српска, а тој датум босанските Срби го објавија формирањето на нивната држава во Босна.
За време на војната што следеше, според АП, тие го „избркаа несрпското население од територијата под нивна контрола, со цел таа да стане дел од соседна Србија. Луѓето кои не беа Срби и кои живеат таму, гледаат на тој датум како на симбол на нивното протерување и знак дека Република Српска останува место наменето само за Србите”, наведува АП.
Уставниот суд на БиХ пресуди дека овој празник би бил дискриминација на сметка на босанските муслимани и католичките Хрвати, наведува АП и потсетува дека Русија го поддржува одржувањето референдум, додека САД и Западот се против тоа. Меѓународното тело кое го следи спроведувањето на мировниот договор, Советот за спроведување на мирот во Босна и Херцеговина (ССМ), ги повика партиите да се воздржат од „секакви мерки и реториката (кои водат кон) на поделба”. Ова тело „остро ги осуди изјавите кои ја поткопуваат стабилноста и безбедноста, или кои го доведуваат во прашање територијалниот интегритет” на Босна и Херцеговина, пренесе агенцијата АП.

Дачиќ: Халиловиќ кажува што мисли Изетбеговиќ
Шефот на српската делегација Дачиќ вели дека Халиловиќ не само што е „поранешен воен муслимански командант, туку тој е неофицијален портпарол на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ”.
„Халиловиќ кажува што мисли Изетбеговиќ. Затоа неговите закани треба да се сфатат сериозно, бидејќи покажуваат дека има воени планови кои се базираат на процената дека РС нема да може да се одржи повеќе од 10-15 дена и дека Србија не може да ја одбрани”, вели Дачиќ.

ХАЛИЛОВИЌ: Го нема Милошевиќ и ЈНА
Тој рече дека Република Српска во потенцијален конфликт може да се одржи максимум од 10 до 15 дена. На прашањето дали во Босна и Херцеговина – и од едната и од другата страна – има доволно луѓе подготвени да се борат, Халиловиќ одговори: „Да, апсолутно. И затоа апелирам добро да се размисли. Бидејќи (поранешниот претседател на Србија и СР Југославија) Слободан Милошевиќ почина, ЈНА (Југословенската народна армија) не постои, нема илјадници тенкови, илјадници… Не може Србија да и’ помогне на РС. Нема да дозволиме некој да отцепи половина држава”.

Останати вести