Доделени наградите на 52. МТФ „Војдан Чернодрински“

„Трудна приказна” на Театар Комедија од Скопје ја доби наградата за најдобра претстава на годинашниот Меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински”.

Истата претстава се закити со уште четири награди: за најдобра женска улога за Јелена Жугиќ, за најдобра машка и женска епизодна улога за Жарко Димоски и Ева Скендеровска, а драмскиот автор Благица Секуловска за најдобар текст.

Најдобар режисер е Љупчо Ѓорѓиевски за претставата „Лазаревото писмо” што ја изведе штипскиот театар. Ѓорѓиевски, според жирито, направи и најдобра современа сценска драматизација на истоимениот расказ на Живко Чинго.

Најдобар актер на Фестивалот е Јовица Михајловски за улогата на Шајлок во претставата „Венецијанскиот трговец” на Драмски театар. Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински” доби признанија за најдобра колективна игра и за најдобра сценографија со претставата „Љубовни пози на историјата”.

Прилепскиот театар јавно протестираше за поделбата на наградите

Ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински” од Прилеп протестираше против одлуките на жирито за поделбата на наградите. Овој театар ја доби наградата за колективна игра, и во име на актерите од ансамблот, Владимир Ѓорѓијоски прочита заедничко соопштение во кое нагласи дека “публиката заслужува многу повеќе од хировите и личните интереси на членовите на жирито”. Додаде и дека се поклонуваат на публиката како единствен меродавен оценувач, со надеж дека нештата во македонскиот театар ќе тргнат на подобро.

„Овој фестивал е поголем од сите нас. Во историјата ќе останат сите ваши одлуки, но исто така кај публиката и целата театарска фела ќе останат во меморијата сите ваши хирови и лични интереси. Оваа публика заслужува многу повеќе. Со надеж дека нештата во Македонскиот театар ќе тргнат на подобро, се поклонуваме на нашата публика која останува единствен наш меродавен оценувач”, го прочита Ѓорѓијоски ставот на прилепскиот ансамбл.

Жирито на фестивалот беше во состав: Митко Маџунков, Братислав Димитров и Слободан Деспотовски.

Останати вести