ФАТМИР ЛИМАНИ ОБЕЛОДЕНИ:
Првпат по 15 години од конфликтот поранешен припадник на ОНА, а сега функционер на ДУИ, Фатмир Лимани, јавно да признае дека конфликтот во 2001 година бил за обединување на, како што вели, териториите каде што живеат Албанците, а не за човекови права, како што се прикажува изминативе години.
Лимани во дебатна емисија на телевизијата „Алсат-М” посочи и дека заклетвата на војниците на УЧK е главната причина зошто и 15 години по конфликтот, македонските партии не прифаќаат да го решат статусот на поранешните припадници на ОНА.
Лимани потоа за „Дневник” потврди дека војната почнала за обединување на сите територии каде што живеат Албанците (Kосово, Македонија, Црна Гора, Прешевската Долина и Чемерија) со Албанија, но под влијание на меѓународните претставници, особено САД, таа се трансформирала во војна за човекови права.
На прашањето зошто сега го обелоденува тоа, Лимани е дециден дека тоа е негово лично мислење и убедување и оти не зборува во име на ДУИ.
– Војната во Македонија не почна во 2001 година. Уште во 1998 година групата позната како „Kичевски бомбаши”, во која бев и јас, опериравме под покровителство на ОВK од Kосово. Kосовската ОВK имаше други цели, односно обединување на сите територии каде што живеат Албанците. Но меѓународните претставници, особено Американците, го пресекоа тоа и не дозволија да се војува надвор од границите на една држава. ОВK оперираше во 5 зони. Сите акции тогаш во Kичево, Прилеп, Kуманово беа дел од операциите на втората зона, која ги опфаќаше етничките територии на Албанците од Македонија – вели Лимани за “Дневник”.
Тој објаснува дека по вмешувањето на меѓународниот фактор, дејствувањето на ОВK се ограничило на косовската територија. Според него, од 1998 година, односно периодот од две-три години до 2001 година се искористил за организација на почетокот на војната во Македонија.
– Под притисок на меѓународниот фактор, особено на Американците, кои не дозволуваа да се нарушат постојните граници на државата и за обединување, таа се преиначи во војна за правата на Албанците во Македонија. Ова беше и остана интерес на Американците. Веќе во шестото коминике, кое е прво потпишано од Али Ахмети како врховен командант, војната во 2001 година беше декларирана дека е за правата на Албанците – изјавува Лимани.
Заклетвата на припадниците на ОНА се уште тајна
Заклетвата на припадниците на ОНА остана тајна и 15 години по конфликтот. „Дневник” пред 10 години пишуваше за заклетвата на припадниците на ОНА, односно дека завршните зборови од големата заклетва биле Ќе се борам до последната капка крв за обединување на албанските територии”. Во ДУИ ни тогаш ни сега не сакаат да ја потврдат содржината на заклетвата. Поранешните припадници на ОНА, а сега функционери на ДУИ не сакаат да зборуваат за заклетвата со изговор дека не се сеќаваат.
– Оттука тешко оди решавањето на статусот на поранешните борци на ОНА. Никој нема право во име на борците на ОНА, кои загинаа на почетокот на војната и кои се заколнале дека „нема да се повлечат се додека не се соедини оваа територија со Албанија” да го решава статусот зашто тие не ја почнаа војната за правата на Албанците. По шестото коминике имаше друга заклетва. За нив, за тие соборци може да се реши статусот оти тие се колнеа дека војуваат за правата на Албанците во Македонија – вели Лимани за “Дневник”.
Според него, македонските политичари не прифаќаат да се реши статусот на поранешните припадници на ОНА бидејќи за нив е неприфатливо да се измеша крвта на борците на ОНА со таа на бранителите.