Можноста за реадмисија на бегалците и мигрантите ја осуди еврокомесарот Јоханес Хан, кој потенцираше дека државите од Западен Балкан не смеат да бидат жртви на “проблемот на ЕУ”, а Унијата пред се мора да најде внатрешно решение.
Од Кабинетите на претседателот и на премиерот нема одговор како ќе ја заштитат државата и како ќе спречат стотина илјади бегалци да завршат на наша територија доколку членките на ЕУ почнат со нивна реадмисија.
Земјите-членки на ЕУ кои се најпогодени од бегалската криза и кои се крајна дестинација на бегалците и мигрантите сериозно ја разгледуваат можноста да ги вратат стотиците илјади лица во државите од каде што транзитирале, односно во Србија и во Македонија, но не и во Грција, првата земја на влез, членка на ЕУ и на Шенген зоната.
Ова во понеделникот го потврдија и од Европската комисија (ЕК), која до пред десетина дена имаше дијаметрално спротивен став за бегалската криза со државите како Унгарија, Германија, Франција и Австрија. Оттаму соопштија дека можноста за реадмисија е правно издржана и веројатна и дека нема ништо спорно доколку, на пример Германија, одлучи да врати 300 илјади бегалци и мигранти кои од почетокот на годинава влегле во таа држава.
На овој начин на Македонија може многу лесно да и се случи реприза на 1999 година кога во Македонија беа згрижени околу 200 илјади бегалци од Косово. Тоа се должи на фактот што бегалците и мигрантите би биле спроведени во Србија, која пак потоа, повикувајќи се на договорот за реадмисија, ќе ги врати во Македонија.
– За односите со азилантите што доаѓаат од трети земји, тоа е регулирано со договор за реадмисија, како што земјите-членки на Унијата го имаат со државите од Западен Балкан. Договорот содржи клаузула за националности од трети земји што транзитираат и дозволува реадмисија на луѓето што транзитирале и да се вратат кај земјите од каде транзитирале, потврди портпаролката на Еврокомисијата, Наташа Берто.
Во тој случај Македонија останува отсечена и би станала крајна дестинација на бегалците и мигрантите, бидејќи иако имаме договор за реадмисија со Грција, тој не се почитува, а и самата држава е оценета како земја со нехуман однос поради пресуда на Европскиот суд за човекови права, поради случајот на азилант од Авганистан, кој бил депортиран назад во Грција, а таму бил нехумано третиран. Со самото тоа е забрането враќање на бегалци и мигранти на нејзина територија.На овој начин се поништуваат и насоките на Даблинскиот договор за постапување со азиланти, според кои тие треба да се регистрираат во првата земја на доаѓање и да се вратат таму.
ЕУ и ЕК ги заострија и правилата и критериумите поврзани со бегалската криза и најавија казни за државите кои не ги регистрираат странците при влез во земјата. Ова доаѓа откако Унгарија и Хрватска ги затворија границите а бегалците и мигрантите затекнати на нивна територија по секоја цена и на секаков можен начин ги транспортираат до следната дестинација, соседната земја членка на унијата.
Денес во Брисел беше одржан состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ, на кој требаше да се разгледа прашањето за зголемување на квотите при распределбата на 120.000 мигранти и бегалци во земјите членки на Унијата.За истото прашање утре ќе се одржи и вонреден Самит на лидерите на ЕУ.
Германската канцеларка Ангела Меркел вети дека ќе направи се што е потребно проблемот со распределувањето на бегалците да се реши со консензус, а не со едноставно надгласување на партнерите од ЕУ. Германија го поддржува воведувањето на обврзувачки систем на квоти за распределување на бегалците за секоја држава, но источните земји-членки на ЕУ се против таквиот план.
Во меѓувреме ситуацијата на Балканот се заострува бидејќи Хрватска продолжува со транспортите на бегалците кон Словенија и Унгарија.
Унгарија и Словенија продолжуваат со осуди на хрватска политика и начинот на справување со кризата. Унгарските власти најавија дека е се поизвесно масовно ангажирање на армијата во заштита на своите граници, а почнаа со платени огласи во медиумите во Либија и Јордан, со кои бегалците се предупредуваат да не патуваат кон нивната држава. Албанија, која сега засега не е погодена од бегалската криза, под притисок на ЕУ ја најави можноста за отворање на неколку кампови и прифатни центри во кои би примиле педесетина илјади бегалци. Бугарија пак продолжува со засилено обезбедување на границата кон Турција во делот кој не е покриен со заштитниот ѕид изграден пред неколку години.
(“Вечер”)