Милошоски: Има три комплицирани начини за враќање на името

Има три можности да се врати уставното име, но сите се многу комплицирани, вели пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски во интервју за “Франкфуртер алгемајне цајтунг”.

– Постојат начини да ѝ го вратиме на државата нашето старо уставно име “Македонија”. Сепак, сите тие се многу комплицирани. Една можност би била нашиот Уставен суд да го прогласи договорот за ништовен и неважечки. Ова може да се направи врз основа на минатогодишниот референдум, на кој немаше мнозинство за укинување на старото име, вели Милошоски.
Друга можност е преку пратениците кои „под закана и притисок, против својата волја гласале за преименувањето”.
– Доколку тие најдат храброст по промената на власта, јавно да проговорат за тоа и да сведочат пред Јавното обвинителство, тоа може да ја промени атмосферата и да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за враќање на стариот Устав, објаснува Милошоски.
Тој забележува дека власта потпишала спогодба без да има силни гаранции, што според него е исто како да си ја ампутирате ногата.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека земјата нема перспектива за полноправно членство во ЕУ и ќе нема уште долго време.
– Реалноста е дека за Франција и други земји-членки, проширувањето на ЕУ не е приоритет, туку се смета за товар. Под такви околности, полноправното членство во ЕУ во следната деценија е затворено, а можеби и за уште подолг период, проценува Милошоски.

Останати вести