Кој ќе се врати на село, ќе добие земја и месечно по $ 376

„Од град во село, за нов почеток” е новиот проект од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ со пакет мерки и бенефиции со цел поттик на населението за враќање во селата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски објави дека проектот што ќе стартува од јануари следната година и ќе трае две години. Првите 500 корисници кои ќе се вклучат ќе добијат пакет бенефиции и поддршка по три основи: до $ 9,000 за купување, обнова или градба на куќа, бесплатно државно земјоделско земјиште до три хектари, како и месечна субвенција од по 15.000 денари во тек на 18 месеци.
– Нашата цел е преку проектот “Од град во село, за нов почеток” да обезбедиме услови кои во комбинација со веќе достапни мерки и активности од Програмата на Владата ќе стимулираат враќање на животот во селата и унапредување на социоекономските услови за живот во руралните средини во државата. Истовремено давање една шанса повеќе на оние кои се невработени или имаат многу ниски примања во семејствата, рече на презентацијата на проектот Груевски.
Проектот ќе може да го користат лица кои претходно мигрирале од село кон град и се уште имаат имот на село, кои мигрирале, но не го задржале имотот на селото, како и невработени лица од град или, пак, вработени но со многу ниски примања, односно со вкупни месечни примања на целото семејство до 21.813 денари ($ 520 – колку што е просечната плата).
Проектот ќе може да го користат брачни парови, од кои постариот партнер има најмногу 45 години, а предност ќе имаат оние со повеќедетни семејства.
– Потребно е да имаат конкретна бизнис идеја за самовработување со потенцијал да генерира нови работни места. Проектот се однесува за населување села до 500 жители, истакна Груевски, укажувајќи оти корисникот ќе има обврска 10 години да не смее да го продава ниту пак да ја намали вредноста на имотот и оти се обврзува да живее најмалку 15 години на село по почнување на користење на условите од проектот.
Дополнително ќе се утврди во кои села ќе биде овозможен овој проект.

Останати вести