ИНТЕРВЈУ СО СТЕВАН КОЗМЕВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ВИТЛСИ:
Стеван Козмевски е градоначалник со македонско потекло на северната мелбурншка општина Витлси, и заедно со Бил Саравиновски во Рокдејл се двата македонски претставника со највисока позиција во локалната власт во овој момент. Козмевски во Австралија се доселил со семејството од Македонија во 1965 година, на 7-годишна возраст.
Господине Козмевски, градоначалник сте на една од најпросперитетните општини во Викторија, со најбрз развој. Кои се најзначајните проекти што се остваруваат во мигов?
Моментално ние работиме на кампања за собирање средства за градење проекти што се важни за иднината на општоната. Пред нас се претстојните избори на федерално и државно ниво, и ние лобираме за средства за градење и поврзувања на Охернс, проширување на Финдон и продолжување на Едгарс Роуд со новите населби. Пред две недели владата на Викторија изготви бизнис план, кој сега е доставен до федералната влада за добивање средства од претстојниот буџет во мај, за да можеме да обезбедиме подобри патишта во населбите кои имаат недостиг од патна инфраструктура.
Ќе сакате ли да ни ги презентирате и поглавните инвестициски иницијативи на приватниот сектор во општината?
Важно е да имаме приватни бизниси кои би инвестирале и би се етаблирале тука. Затоа имаме економски оддел во општината, кој гледа што треба да овозможи за да бидеме атрактивна дестинација за инвестирање. Очигледно сакаме да привлечеме повеќе нови работодавци кои би овозможиле поголема можност за вработување и економска активност во Витлси. Работиме на делот на Купер Стрит, каде се наоѓа големиот маркет за овошје и зеленчук кој е како сидро.
Колкав е процентот на невработеноста во мигов?
Не сум сигурен колку е моментално, но е доста високо споредено со просекот на Викторија. Општината Витлси е во деловите на Мелбурн што имаат потреба од асистенција за подобрување на ситуацијата. Имаме вистински висок процент на невработеност помеѓу младите. Историски видот на работни места што ги има во општината нема доволно можности за вработување. Затоа работиме на новиот бизнис предел, и со привлекување на нови бизниси сакаме да се создаде повеќе можности за вработување во околината.
Раководите општина со посебно оригинална етничка структура но дали, како градоначалник, сте задоволни од хармонијата во заедницата?
Извонредни се жителите во општината, тие се одличен пример како може да живееме во харминија. Тука сме за да имаме добар и мирен живот и сите имаме желба нашите деца да можат да живеат удобно, со добро образование, здравство итн. Тоа се темели од кој може да се гради посветла иднина.
Колку општината ги помага етничките иницијативи за афирмација на нивните културни традиции?
Општината секогаш се труди да им помогне на новите заедници, се разбира исто така и на етаблираните да ја зачуваат културата и традицијата и да го споделат се што е добро со останатите во пошироката мултикултурна заедница. Сакаме да имаме хармонија и затоа имаме дотации за сите заедници кои може да се пријават да направат настан во кој треба да се сподели дел од својата култура со другите заедници. Разноликоста е добра кога може да се понуди отворено наместо да се затвораат сите во школка. Секогаш стравот е од непознатото, но доколку се запознаат културите после сфаќаме дека има нешто ново и интересно што не прави помудри.
Македонската заедница е меѓу најголемите во Витлси, па кажете ни како таа ги остварува своите граѓански и други права?
Можам да кажам дека повеќето од македонската заедница се добро етаблирани, што е навистина убаво да се гледа. Од општината се трудиме да им помогнеме, на примерна нашите пензионери. Имаме групи кои долго време работат и уживаат во настаните што ги приредуваат. Тоа е заслуга на управите кои навистина се трудат. Многумина не ја ценат напорната работа која треба да се вложи за да се овозможи пријатна атмосфера и дружење, вршејќи значајна услуга во заедницата. Општината оваа година се трудеше да најде соодветни места за групите што се собираат во центарот на Бари Роуд. После доста консултации изнајдовме места, и од општината обезбедивме транспорт за оние што сега мора да патуваат во подалечните привремени места, кои ќе се користат додека се реновира овој центар.
Дали ги продлабочувате врските и соработката со нашата стара татковина Македонија?
Морам да потенцирам дека нашата вратата е секогаш отворена, во минатото сме биле домаќини и сме имале средби во општината со претставници на Македонија, и нашето почитување е очигледно. Но ние како локална самоуправа немаме многу допирни точки со Македонија, сепак сме две различни влади со различни потреби и услови. Доколку во иднина се отвори некоја можност и потреба се разбира тука сме.

