Илјадници вратени австралиски патници одбиваат да ги платат сметките за карантин во хотелите. Дознаваме дека само во НЈВ собирачите на долгови имаат побарувања над 16 милиони долари.
До крајот на февруари се издадени налози за наплата на долг за 5,264 фактури кои покриваат 7,214 патници. Овие сметки доцнат повеќе од два месеци. Околу 150,000 луѓе се вратиле во Австралија благодарение на тоа што Сиднеј прифаќа по 3,000 патници од странство секоја недела, останатите држави сите заедно немаат примено ни половина од таа бројка досега. Повеќето од вратените патници велат дека не можат да си ги платат сметките за изолација кои се 3.000 долари за 14 денови сместување во карантин, затоа што веќе потрошиле илјадници долари на авионски билети да се вратат дома. Некои како причина наведуваат дека условите во карантинските хотели биле толку ужасни што никој не би смеел да биде принуден да плаќа за тоа. Има и такви повратници кои велат дека во принцип сметките за хотелскиот карантин треба да биде покриен од владите.
Кога започна системот за карантин по хотели, на крајот на март минатата година, владата на Нов Јужен Велс плаќаше за сите што се враќаа од странство врз основа на заштита на јавното здравство. Но од 18 јули, по повеќе поредупредувања до патниците да се вратат што побрзо назад, за сите што потоа се вратија во Австралија се фактурира со утврдена цена од: $3,000 за првиот возрасен член на семејството, $1,000 за дополнително полнолетно лице и $500 за секое дете на возраст над три години.
Цената е иста и во Викторија, но весникот „Ди Ејџ” објави дека владата на Даниел Ендрус е толку хаотична што допрва ќе издавала фактури – и покрај досегашниот трошок од над 20 милиони долари откако во декември повторно продолжи програмата за карантин во хотелите.
Надлежните соопштија дека на патниците кои влегуваат во карантин им бил даден пакет за добредојде со информации за откажувања од надоместоци и околу 80 проценти биле организирани пред издавањето на фактурата.
На повеќе од 25.000 лица (од 79.000 фактурирани до 14 јануари годинава) им беа укинати давачките затоа што резервирале да патуваат пред датумот на последното предупредување дека ќе прекине бесплатниот карантин – 12 јули 2020 за меѓународни пристигнувања и 5 август 2020 за луѓе кои влегуваат во Нов Јужен Велс од Викторија додека државната граница беше затворена.
Владата на Нов Јужен Велс покажа џентлменски гест и не им го фактурираше карантинот на повеќе од 2.000 вработени кои се припадници на Австралиските одбранбени сили во странство, исто така и на повеќе од 13.000 луѓе кои поминаа помалку од 48 часа во карантин, бидејќи транзитирале за во прекуокеански земји или во внатрешните меѓудржавни граници.