Неолитскиот локалитет „Врбјанска чука” во атарот на општина Кривогаштани (Прилепско), датира до 5,900 години пред нашата ера и бил голем производствено-стопански центар во Пелагонија со посебни карактеристики, невообичаени за Македонија и за Европа. Ова се најновите сознанија на археолозите по анализите на пронајдените остатоци од локалитетот.
Локалитетот „Врбјанска чука” се истражува трета година и сега пристигнаа анализите на стручните екипи од Полска, Чешка, Шпанија, Швајцарија, Германија и од Словенија кои овој неолитски локалитет од пред 8.000 години, со траги од римскиот и од средновековниот период, го сместуваат во ретките во Македонија и Европа.
Како што истакнува археологот Гоце Наумов од Центарот за предисториски истражувања на Македонија, локалитетот е комплексен бидејќи освен неолитска, има и доцноантичка и средновековна фаза.
– Археоботаничките анализи кои ги правеа колегите од Чешка приложија нови сознанија за исхраната и вегетацијата во околината на локалитетот. Сега имаме податоци за сите житарки кои луѓето во неолитот ги јаделе. Имаме податоци за пченица, јачмен и други видови жито, потоа за конзумирање леќа, грашок, сливи, цреши, така што нашите предци не само што се занимавале со земјоделство, туку и собирале плодови. Зооархеолошките анализи ни потврдија дека се јадело говедско месо, што не е вообичаено за неолитските локалитети во Македонија и пошироко, вели Наумов.
Архитектурата, храната и остатоците од животински коски потврдуваат постоење на земјоделска заедница која, претежно, се фокусирала на житните култури.
– Староста на локалитетот ја утврдуваа колегите од Швајцарија, стручњаците од Шпанија направија детални анализи на камените алатки, археолозите од Германија се концетрираат на архитектурата. Стручњаците од Полска ги скенираа тумбите.
Пронајдени се голем број стопански структури невообичаени за Македонија и Балканот. Врбјанска ќука е првиот локалитет во Македонија со големи амбари и масивни стопански објекти, а откриени се досега седум. Амбарите се еден метар на метар, некаде и до четири метри, несвојствени за овие простори. Освен тоа, посебноста е во декорирањето како жртвениците што укажува и на тоа дека стопанските активности биле блиску поврзани со верувањата на жителите, зашто земјоделието не било само стопански облик, туку блиску и до религијата. Затоа, не случајно амбарите имале и жртвеници. Има огромен број на фина керамика, невообичаено за ваквите локалитети, вели Наумов.
Локалитетот носи печат и од раноантичките и средновековни периоди на живеење.
– Од римскиот период имаме остатоци од градежна керамика и остатоци од јами кои укажуваат на складишни објекти. Од средновековниот период има остатоци од јами, а се потврдуваат сознанијата за остатоци од средновековна некропола од тој период. Нема сознанија за континуитет и се потребни нови истражувања, вели Христијан Талевски, стручен соработник од Институтот за старословенска култура од Прилеп.
