Доби ли Вартоломеј контра „Вселенска патријаршија“?

„Сеправославен секретаријат” е новото тело кое ќе го формира Православната црква. Така одлучиле поглаварите на состанокот во Шамбези во Женева. 

Иако во официјалното соопштение испратено од Вселенската патријаршија нема детали која ќе биде улогата на ова тело, сепак тоа се поврзува со организацијата на Соборот, што треба да се одржи во јуни 2016 година.
Црковните аналитичари, пак велат дека во ситуација кога Вселенската, или Царигратската патријаршија е онаа која ја има улогата на прва меѓу еднаквите автокефални цркви и која практично е иницијатор и организатор на Соборот, создавањето на вакво тело може да се толкува како создавање паралелна институција контра Вселенскиот патријарх.
Иако нема детали како е дојдено до неговото создавање, сепак верските аналитичари причината ја гледаат кај влијанието на Руската црква.
– На овој начин практично овој сеправославен секретаријат ќе ја преземе уло­гата на Вселенската патријаршија и би бил еден вид воспоставување рамнотежа меѓу ривалите Фанер и Москва, коментираат неформално аналитичарите.
Инаку, поглаварите одлучиле сите документи поврзани со точките кои ќе се најдат на дневен ред на „Големиот Собор на Православната црква” да бидат јавно достапни пред неговото одржување, но откако работните комисии ќе ги усогласат текстовите.
Вселенската патријаршија со соопштение го потврди термнинот од 16 до 27 јуни 2016 како период во кој на Крит ќе се одржи Соборот.
Откако од дневниот ред отпаднаа трите клучни спорни прашања во Православната црква, „доделувањето на автокефалност”, „разликите за календарот” и „Диптихот”, сега долгонајавуваниот собор практично ќе има протоколарен карактер.
– Официјално одобрени теми за Светиот и голем собор се: Мисијата на Православната црква во современиот свет, православната дијаспора, автономијата и начинот на нејзино прогласување, светата тајна брак и пречките во него, важноста на постот и неговото почитување денес, односите на Православната црква со ос­танатиот христијански свет.
Поглаварите го одобриле и правилникот за работа на соборот. Одлучено е на почетокот и на крајот на Соборот да можат да присуствуваат набљудувачи од други христијански цркви.
Во соопштението на Константинополската патријаршија стои и дека поглаварите дале поддршка за православните христијани на Блискиот Исток.

Останати вести