Помина нешто повеќе од еден месец откако е регистриран првиот случај на заразен од коронавирус во Македонија.
– Кривата на болеста се искачува линеарно, не експоненцијално и сите пријавени случаи може да се згрижат без пренатрупаност во болниците, изјави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче. Но тој предупреди дека претстои најтешкиот период.
– Пред нас е најтешкиот период, бројот на зболени во светот расте, ќе расте и кај нас. Ни претстои за жал период во кој ќе расте и бројот на починати, за ова сите мораме да бидеме свесни. Ние сме се уште во еден вид на војна со вирусот ковид-19. Сакам да упатам јасна порака дека влегуваме во вториот месец од оваа пандемија која целосно го промени животот, донесе страв, донесе несигурност, рече министерот Филипче.
Македонија го очекува пикот до средината на април.
8 пациенти од Дебар и еден од Скопје – оздравеле и се пуштени дома
Министерот Филипче информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се излекувани и пуштени на домашно лекување девет пациенти – осум од Дебар и еден пациент од Скопје (директорката од Кожна). Пациентите од Дебар се однесени со болнички комбиња кои потоа се дезинфицирани и вратени во Скопје.
Филипче додаде дека сите се во добра здравствена состојба и оти во наредниот период се очекува закрепнување и целосно излекување и на други пациенти, кои по системот на двојно тестирање со негативни резултати ќе бидат упатени на домашно лекување. Познато е дека извесен процент од оздравените пациенти продолжуваат да го носат вирусот, иако не се контагиозни, во следните 35 недели.
Вкупната бројка на хоспитализирани на скопската Клиника изнесува 47. На механичка вентилација се поставени тројца пациенти (на 50, 63 и 67-годишна возраст). На кислородна поддршка се поставени дополнителни девет пациенти. Во сите други градови состојбата на пациентите е добра и стабилна, со сосема лесна клиничка форма.
Има умрени за кои постои сомнеж дека се од вирусот
Две починати лица се сомнителни дека можеби се жртви на ковид-19. Од двете е земен брис постмортем за да се провери сомнежот.
Едниот случај е жена од Лабуништа која била донесена во болницата во Струга заради потешкотии во дишењето. И бил направен обид за реанимација, но за жал пациентката починала. Таа имала претходно хронична респираторна болест но брзината со која настапила смртта е сомнителна.
Вториот случај е битолчанец на околу 60-годишна возраст кој се вратил од Канада и бил во самоизолација веќе околу две недели. Живеел сам во станбена зграда на ул. “Димче Лахчански”, а откако повеќе денови не одговарал на повиците од соседите – тие повикале полиција. Екипа на МВР и на пожарникари во заштитна опрема ја искршиле влезната врата од станот и внатре го нашле покојникот.
Инаку бројката на потврдени починати од ковид-19 до вторникот беше 7. Случајот број 6 е посебен бидејќи се работи за 31-годишен маж од Скопје кој е и најмладиот починат пациент во Македонија од коронавирус. Бил примен во болница шест дена порано, а единствен ризик фактор кај него била дебелината. Кај него дошло до нагло влошување на состојбата. Веднаш е поставен на респиратор меѓутоа неговата клиничка слика била со крвавење и практично распад на белите дробови. Министерот за здравство кажа дека ја имал најтешката форма која е досега опишана во медицинската литература за компликации од коронавирус.
Се проширува системот на тестирање и мониторинг
Во Скопје, како град со половина од регистрираните случаи на заболени од коронавирусот, ќе се отворат уште два центра за земање тестови (поликлиниките во Чаир и Млин Балкан), така што ќе бидат 4. Но, бидејќи Институтот за јавно здравје нема доволен капацитет, ќе се вклучат и прватните лаборатории за побрзо обработување на тестовите.
– Имаме на располагање сосем доволен број на тестови. 20.000 теста како донација веќе се на пат кон нашата земја, освен тестовите со кои што сега во овој момент располагаме и 5000 тестови донација од “Авицена”, која што ќе се вклучи во системот на изработка на анализите на брисевите земени од пунктовите ширум државата, кажа министерот Филипче.
Тестови (приватно) по барање на граѓаните за ковид-19 се прават и во две приватни болници и една лабораторија, но официјално не се признати. Едниот од нив воопшто не е дијагностички (во “Аџибадем Систина”) односно се прави преку анализа на крв и дава податок само за присуство на антитела а не за конкретниот вирус.
Инаку сите матични лекари ги имаат добиено податоците за нивните пациенти кои се дијагностицирани со коронавирусот – односно се наоѓаат на домашно лекување согласно протоколот. Матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во денот и да го известува системот „Мој Термин”, кој потоа електронскиот извештај го праќа во Министерството за здравство и на Инфективната клиника.
Една клиника се отвори, друга се затвора
Клиниката за кожни болести повторно проработи, откако претходно три недели беше затворена поради тоа што кај нејзината директорка беше откриен вирусот.
Но сега се појави масовно заразување во Институтот за физикална медицина и рехабилитација во скопско Козле. Тестирани се 52 лица од кои првично позитивни се осум медицински лица и двајца пациенти. Институтот е затворен.
