Се снима втората сезона од македонската хумористична серија “Пансионот Преспав”. Со оглед дека во Македонија ретко се снимаат ТВ серии (и не помниме кога била последната), првата сезона од “Преспав” го освои вниманието на гледачите.
Ја забавуваше и смееше публиката, претставувајќи метафора на реалните општествени случувања во Република Македонија, во кои се прекршува балканскиот менталитет, од кој ликовите не можат да избегаат, а сепак водени од желбата да ги почитуваат и воспостават европските стандарди.
Од постојаниот конфликт и недоразбирањата на главните ликови произлегоа многу комични ситуации во кои честопати препознававме ликови од нашата потесна околина. Семејната приказна на тројцата браќа Бузалевски, кои иако дијаметрално карактерно различни, имаат една заедничка цел – да инвестираат во промени во својот роден крај, е во режија на Игор Иванов Изи. Секој од ликовите, одлично разработени, посебни и интересни на свој начин, во многушто дадоа длабочина и шмек на сериалот. Секој поединец од врвната актерска екипа која ја сочинуваа: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Владо Јовановски и Адриан Азири, одлично се вклопи во својата улога, како и да беа напишани за нив.
Томку таа позитивна атмосфера која ја има на ТВ екраните, ја почувствуваме на првата клапа од снимањето на втората сезона од ТВ серијата “Преспав”. Со мало освежување во актерската постава, односно на местото Владо Јовановски продолжува Игор Џамбазов, што ќе претставува промена која ќе донесе нов квалитет во сериалот.
“Преспав” е првиот македонски сит-ком проект, целосно осмислен и одработен од македонски продуценти, сценаристи и актери, кои вложија сериозен труд и култивираа бесценето знаење и искуство за вакви слични понатамошни проекти. Секоја епизода е инспирирана од општествена тема, актуелен проблем или конфликт, и разрешница која предизвикува смеа, но воедно пружа и реален пристап. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов.

На Владо Јовановски му е одземена улогата во „Преспав” поради учеството во протестите “За заедничка Македонија”?
Владо Јовановски, познат македонски актер и еден од лидерите на актуелните граѓански протести што ги организира иницијативата „За заедничка Македонија”, веќе нема да биде дел од телевизиската серија „Преспав”, која се финансира со пари од Европската унија, пишува „Дневник”. Ваква одлука на продуцентите деновиве му била соопштена на Јовановски, а за неговата улога на Миле, еден од тројцата браќа Бузалевски, веќе му е побарана алтернатива. Место него, овој лик ќе го толкува Игор Џамбазов.
Kако што дознава дневниот весник, на состанокот што Јовановски го имал со Пеце Талевски, од продукцијата ОХО, нему му било кусо кажано дека соработката „веќе не може да продолжи”. При тоа не биле наведени конкретните причини зошто е веќе откажан неговиот аранжман во толкувањето на ликот кој, заедно со другите, ги доби симпатиите кај гледачите. Доколку во наредниов период се покаже дека на Јовановски учеството во оваа телевизиска серија му било откажано поради неговиот ангажман во граѓанските протести и политичките ставови што ги застапува, тоа ќе биде скандалозно вмешување на политичките фактори во уметничкото творештво.
Снимањето на серијата „Преспав”, познато е, беше овозможено најмногу со парични средства на Европската унија.