Пораки од Фејсбук, мејл и МСН на обвинети и роднини меѓу доказите.
Вештаци од Секторот за дигитална форензика и комјутерски криминал минатата недела во Кривичниот суд сведочеа на рочиште за случајот „Монструм”, кој сега е во рацете на СЈО и се суди од почеток.
Тие кажаа дека правеле вештачења на компјутери одземени од 20-тина лица, обвинети во случајот и нивни роднини. Меѓу компјутерите одземени од обвинетите, а кои биле вештачени, тие ги посочија оние на Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сејди Рами и Фејзи Азири.
Вештаците читаа какви податоци пронашле, односно текстуални фрагменти со податоци од комуникации од Фејсбук, мејл и МСН. Компјутерите биле вештачени неполн месец по петкратното убиство.
Еден од вештаците појасни дека тие ја категоризираат само формата на комуникација, а не и содржината. Содржината на пораките, посочи тој, била проследена и до Обвинителството и до Судот.
Обвинителката Фатиме Фетаи посочи дека во тие вештачења има упатства како да се отвори содржината на пораки, а и потенцираше дека меѓу другото и врз основа на тие содржини е донесена претходната пресуда.
За пораките, најавија од СЈО, ќе се произнесат и во завршниот збор.
Следното рочиште судот го закажа за 10 декември, кога треба да сведочат вештаци балистичари и лекари.