Почина познатата македонска актерка и поетеса Вукосава Донева-Варколи

Погребното опело за покојната Вукосава Донева-Варколи се одржa на 9 јуни во Palmdale Cre­ma­torium, Rose Chapel а специјална комеморација имаше следниот ден во 9.30 часот во просториите на Литературното друштво „Григор Прличев”

Во 81-вата година од животот почина Вукосава Донева-Варколи, македонска театарска, филмска и телевизиска актерка, поетеса, преведувач и професорка, соопшти денеска Македонскиот народен театар.
Таа е родена во Струмица во 1935 година. По завршување на Филолошкиот факултет, група Литература и македонски јазик, се вработила во радиодрамата на Радио Скопје (1953-1957), а од 1957 до 1988 година работела во Македонскиот народен театар, каде што одиграла многу главни улоги.
Вукосава Донева била ангажирана на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како предавач по сценски говор (1970-1976). Во текот на театарскиот живот има реализирано значаен број ликови од најразличен жанр, а за улогата на Хеда Габлер е добитник на наградата „13 Ноември” 1976).
Како што информира МНТ, таа има реализирано седум самостојни проекти, поезија и монодрамата „Велика”, со кои настапувала во Македонија и во повеќе земји. Има и улоги во повеќе македонски филмови: „Мирно лето”, „Македонска крвава свадба”, „Мементо”, „Време без војна”, „Македонски дел од пеколот” и „Хај-фај” во кој ја играше главната женска улога.
Од 1988 година Донева-Варколи живее во Австралија и од тогаш интензивно пишува и ги објавува стихозбирките за возрасни: „Куќи за продавање и молитва”, „Чаша вода за океанот”, „И не како вејка на ветрот” и „Ткаење черга”. Беше член на литературното друштво „Григор Прличев” од Сиднеј и член на Друштвото на писателите на Македонија. Со својата поезија е застапена и во антологиски изданија.

Останати вести