ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ТУРИСТИТЕ:
Вулканот Руапеху, што послужи како модел за Проколнатата планина или „Мордор” во филмот „Господар на прстените”, наскоро може да еруптира, предупредуваат стучњаците.
Службата за надгледување на вулканот на Нов Зеланд неодамна ги замоли туристите да не му приоѓаат на познатиот вулкан, бидејќи може да еруптира.
– Во моментов неколку знаци укажуваат на тоа дека заспаниот вулкан е пробуден, изјави вулканологот Бред Скот за Еј-Би-Си.
Руапеху, што се наоѓа во националниот парк Тонгариро, последен пат еруптираше во 2007 година, а од средината на април 2016 година температурата на езерото е зголемена од 25 на 46 степени Целзиусови.
„Неодамнешните посети на вулканот го потврдија зголеменото количество вулкански гасови”, изјавија од службата.
Стручњаците, сепак, велат дека оние кои живеат во близина на Руапехуа немаат причина за грижа, бидејќи постои многу мала веројатност ерупцијата да биде голема.
– Најлошата последица на една од најголемите ерупции во историјата на вулканот, што се случила во 1995 година, биле неколкуте нерамнини на околното тло во пречник од три-четири километри. Не е проблем доколку се држите на безбедна оддалеченост, но проблем може да има доколку во моментот на ерупцијата се затекнете на вулканот, рече Скот.
Одделението за зачувување на животната средина затоа ги предупреди посетителите да го одбегнуваат качувањето на вулканот во пречник од два километри од неговиот кратер.