Фармерите од Квинсленд до Тасманија, очајно се обидуваат да ги привлечат младите Австралијци да берат овошје бидејќи се соочуваат со хроничен недостиг на работници и покрај фактот дека заработувачката може да биде до 3.800 долари неделно.
Одгледувачите поради пандемијата и затворањето на границите се во ситоација овошјето и зеленчукот да им скапува на земја. Затоа тие нудат атрактивна плата за работа која порано беше популарна за младите туристи што кампуваа и патуваа низ континентов.
Бројот на туристи сега е нула, а доселениците во Австралија се намалија за над 60 отсто во последните месеци и тоа создаде голем недостиг на работници.
– Има перцепција дека берењето овошје и зеленчук е слабо платено, но тоа не е вистина. Неодамна на еден работник му плативме 3.800 долари за еднонеделна работа и тоа е топ берач кој работи шест дена во неделата, веројатно околу десет часа на ден, но дури и кога ќе ја погледнете саатницата, тоа е прилично добро – истакнува Гавин Скур од „Пиата фармс”.
Тој додава дека иако може да биде тешка работа тоа е исплатливо а може да биде и забавно.
– Сè зависи од индивидуалецот. Има луѓе што се натпреваруваат сами со себе и со слични на нив. И тие се забавуваат, едноставно уживаат во работата и за нив не е невообичаено да заработат 3.000 долари за една недела – вели Скур. Вели и дека често некои работници аплицираат, но не издржуваат повеќе од еден ден на работа и никогаш повеќе не се враќаат. Од друга страна има луѓе кои со години се враќаат да работата сезонска работа на фармата.
Низ Австралија многу фармери се соочуваат со слични проблеми и гледаат како им се уништуваат плодовите бидејќи им недостигаат работници. Тоа може да доведе и до поскапување на овошјето и зеленчукот.
Министерот за земјоделство на Нов Јужен Велс, Адам Маршал, минатиот месец изјави дека Австралијците треба да размислат за работа на фармите бидејќи производителите мака мачат со наоѓањето странски работници. Тој рече дека е многу тешко да се убедат Австралијците да работат таква работа и дека за да се промени таквото размислување ќе биде потребно многу време.
