Австралија ја доживеа најлошата сезона на грип во историјата, поради лоши вакцини, предупредуваат докторите.
Вирусот конечно се повлекува, а лабораториите потврдуваат дека годинава се регистрирани 217.000 заболени, што е двојно повеќе од поранешниот рекорд кој во 2015 година изнесуваше 100.000. Докторите за оваа состојба го обвинуваат буџетот во кој за националната пограма за вакцинација одвоени се средства за купување евтини вакцини од шест долари. Тие вакцини им се давани на постари лица, но не дадоа резултати, тврди професорот Пол Вон Бајндер, претседател на организацијата која ги обединува докторите со цел да го објаснат бенефитот од имунизацијата.
Вакцината која е четири пати посилна и чини осум долари по доза, поефикасна е за 24 отсто во спречување на грипот, а за 12,7 отсто го намалува ризикот од хоспитализација поради влошена состојба со дишните органи. Но, таа не може да се најде во Австралија.
„Да се плаќа за вакцина која не делува е лажна економија, а од друга страна, ако можете да спречите луѓето да се разболуваат или да завршат во болница, тогаш за дополнителниот трошок има оправдание. Ова беше катастрофална година и ако политиката не се промени, Бог нека ни е на помош” – вели професорот.
Претседателот на Кралскиот австралиски лекарски колеџ д-р Бастиен Сејдел исто така од владата бара да финасиираат посилна вакцина и таа да биде бесплатна.
Од друга страна професорот Брендан Марфи, главен шеф на медицинската служба на Австралија, вели дека тоа се лажни тврдења за купување евтини вакцини во рамките на националната програма за имунизација.
Тој, навистина, наведе дека на странскиот пазар постојат вакцини за кои се уште нема одобрување за употреба во Австралија. Но, подоцна објасни, „работиме најдобро што можеме да се обезбеди нова посилна вакцина”. Министерот за здравство, Грег Хант, побара од шефот на здравствените служби да истражи дали постојат начини да се подобри нацоналниот имунизационен програм, вклучувајќи ги и разговорите за нови и посилни вакцини. Годинава од грип починаа 546 лица на просечна возраст од 85 години.
Покрај останатите, вирусот на грипот усмрти мајка на две деца од Канбера, Џенифер Тју и осумгодишната Рози Андерсен, како и осум жители на старечки домови во Викторија и уште шест лица во Тасманија. Една од заболените, Сара Хоуторн, поради грипот морала да биде ставена во индукативна кома и се разбудила порано од што требало.
Податоци по држави
Само во Квинсленд, 5.710 лица завршија во болница поради грип, а 678 се пратени на интензивна нега. Во Нов Јужен Велс од април во болница биле 937 лица, од кои 247 деца, а 81 лица морале на интензивна нега. Во Викторија, во болница се пратени над 650 болни, од кои девет отсто на интензивна нега. Само во оваа држава починаа над 95 лица.
Збор на експертите
– во употреба била послаба верзија на вакцината
– во исто време орбитирале три вируси на грип
– еден од вирусите мутирал и вакцината не штитела од него
– секоја четврта постара личност, две до три трудници и девет од десет деца не биле вакцинирани потив грип