За успешни претседателски избори во вториот круг треба да излезат на гласање 723.253 гласачи

Насмеаните лица од билбордите на претседателските кандидати и на СДСМ – Пендаровски и на ВМРО-ДПМНЕ – Силјановска Давкова не можат да ја скријат загриженоста на политичките лидери и на власта и на опозицијата за цензусот на претседателските избори.

Од скопските митинзи и Заев и Мицкоски ги повикаа гласачите да излезат и да гласаат бидејќи овие претседателски избори не биле обични. За власта од успешноста на изборите ќе зависи и темпото со кое ќе се движи земјата напред кон НАТО и ЕУ.
– Направете разлика. Знаете дека за претседателските избори цензусот е битен и затоа со пенкало на денот на гласањето треба да го кажете својот став. Не се живее без став, рече Заев.
– Денес од вас ја барам поддршката за едно општество за сите. Ова не се обични избори туку избори за продолжување на патот на иднината или на патот кон провалијата, рече Стево Пендаровски.
И според опозицијата овие избори треба да се добијат со гласачкото ливче бидејќи само така ќе се застане на патот на Заевизмот.
– Излезете на денот на гласањето заеднички да се бориме против злото. Гласајте за себе и своето семејство, гласајте за Македонија, рече Христијан Мицкски.
– Ако во вториот круг нема цензус од 40 проценти ќе си го сменат Уставот и ќе си решат претседателот да се бира во Собранието, а тогаш се знае како ќе се избира – со политички пазар, рече Гордана Силјаноска.
Портпаролката на ДИК, Љупка Гугуческа појаснува дека цензус е потребен само во вториот круг.
Уставот предвидува за да биде избран претседател на државата уште во првиот круг на гласање, тогаш еден од кандидатите треба да освои мнозинство од гласовите од вкупниот број на запишани избирачи. Така, бидејќи ДИК го заклучи избирачкиот список со 1.808.131 гласач, тоа во бројка би значело дека за да биде избран претседател во првиот круг на гласање еден од кандидатите би требало да освои повеќе од 904.066 гласови. Тоа не е ниту веројатно да се случи, па затоа се организира втор круг на гласање на 5 мај и во него ќе учествуваат двајцата кандидати кои во првиот круг освоиле најголем број на гласови.
– А во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој што ќе освои мнозинство од гласачите кои излегле на гласање, под услов да гласаат 40 % од запишаните избирачки. Во превод во бројки тоа би значело дека за да се исполни овој услов на 5 мај треба да гласаат повеќе од 723.253 гласачи, рече Гугучевска.
Според дел од експертите грижата и на власта и на опозицијата за излезноста на граѓаните на претседателски избори може да значи дека не се задоволни од мобилизацијата на независните гласачи.

 

Останати вести