Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” цела седмица организира протестни маршеви со мотото да се одбрани суверенитетот на земјата. На овие собири се слушаат обраќања од многубројни јавни личности.
“Ние сме против воведување на двојазичност во земјата. Бидејќи двојазичноста е само вовед во двонационалност што пак води кон територијално редефинирање и поделба на Македонија”, рече Васил Зафирчев во Скопје. Тој е познат актер и моментно директор на Тетатарот во Велес.
Концертната пијанистка Елена Мисиркова (правнука на Крсте Петков Мисирков) повика на маршот да се приклучат и Албанците.
“Нашите собраќа, македонските Албанци да ни се приклучат, зашто ние со нив го делиме соживотот овде. Ни недостасувате во тоа да ја одбраниме нашата република од странски влијанија, ве покануваме да ни се придружите овде, заедно со нас. Сите заедно треба да си ги одбраниме интересите, сите заедно да направиме едно општество подобро за живот, за сите нас без исклучок”, истакна Мисиркова.
Борис Дамовски, продуцент и творец на “Еднооки”, воедно и еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија”, оцени дека од мигот кога Македонија прогласи независност, во погон била ставена моќна машинерија која ги прогласила името и идентитетот за безбедносен проблем.
„За заедничка Македонија” бара прекин на преговорите за името”, рече тој.
Во Скопје граѓаните развиорија 30-метарско државно знаме и истакнаа дека нема да помине разградувањето на Република Македонија.
Масовни собири и протесни маршови досега се одржаа во вкупно 16 градови во земјата.
Граѓаните од тие собири го повикуваат СДСМ да не прифаќа платформи кои не се во интерес на Република Македонија и имаат единствена цел за разнебитување на државата. Велат ова се моменти на почит кон предците, но и предизвик да покажеме достоинство и да обезбедиме сигурна иднина за следните генерации.
Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” најавија дека протесните маршови низ градовите во земјата ќе продолжат.
