Заблудите на Каракачанов и бугарските манипулации со бројки во Македонија

Каракачанов бара Бугари во Македонија до онаму каде што има споменици

Не е толкав проблем тоа што бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, бара извинување за “прогонот на Бугарите во Македонија” од страна на македонските власти. Проблемот е многу поголем зашто неговите лични заблуди се всушност официјални бугарски манипулации со историски бројки, што пак се пренесуваат на европски терен и ја блокираат Македонија.

Каракачанов и се закани на Република Македонија дека уште долго ќе чека за влез во Унијата доколку не ја признае бугарската историја.
– Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да запазат одредени услови. Еден од условите е нашата национална безбедност. Не може со инаетот кој го гледаме во Скопје – “ама ние сакаме”; и јас можеби сакам многу работи во животот, ама нешто што не е мое како да го сакам? А тие сакаат сè. Не може да имаш претензии за бугарската историја, не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години по 1945 само затоа што биле Бугари и да ми кажеш „ама ние имаме идентитет со векови” – рече Каракачанов неодамна.
Очигледно тој го промовира новото барање за извинување од страна на македонските власти со што, практично, ги извртува тезите за извинувањето како морален чин. Наместо тоа да го стори официјална Софија за окупацијата или „администрирањето” со Македонија за време на Втората светска војна, особено за депортацијата на македонските Евреи, бугарскиот вицепремиер се обидува да ја префрли топката на македонски терен.
Каракачанов упорно тврди дека „македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите”.
– Знаете ли дека во Македонија во 1945 се носи закон, можеби и во нацистичка Германија немало таков, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин (не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем), ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека Србин ќе ти ракоплескаат, но ако кажеш дека си Бугарин, според законот, можеш да добиеш до пет години затвор. И сега тие луѓе ми кажуваат дека самите од себеси добиле некаков идентитет, и тоа го кажува политичката елита, тоа не може да се случи, изјави тој.
Каракачанов по професија е дипломиран историчар и се повикува на бугарската официјална историографија која особено за периодот по 1945 година е многу “фалшива” (да искористиме нивни збор).
Според историските книги од Софија на тлото на (Вардарска) Македонија во времето на српската окупација најсурово било постапивано со оние кои ќе декларирале дека се чувствуваат Бугари. Се спомнува дека тука до 1941 година биле убиени стотици илјади лица со “бугарско самосознание”. Како примери за борбата на македонските Бугари за слобода од српската чизма с спомнува атентатот што го извршила Мара Бунева во Скопје или убиството на генерал Ковачевиќ во Штипско.
Според историскиот наратив од Софија и по 1945 година се продолжило со “убивањето на бугарштината меѓу Македонците”. Се спомнува “Крвавата Коледа” (настаните од Скопското Кале и Штипската касарна од 7 јануари 1945, кога стотици регрути одбиле да одат на Сремскиот фронт а барале да се оди на Солун), масакрите во Велес, Куманово и Ресен (средина на јануаро 1945) како и бројните подоцнежни проговни и судења на лица за “Ванчовистичкото ВМРО”.
Според Софија во сите тие настани од 1945 наваму биле убиени скоро 100.000 лица а меѓу 250 и 300 илјади биле прогонувани и судени на долги робии “само поради тоа што се чувствувале Бугари” во тогашната југословенска федерална единка Македонија. Тврдат дека во 1945 година само во Охридско и Преспанско биле убиени околу 23.000 лица со бугарска самосвест, а дополнително уште околу 130.000 биле иселени, прогонувани и испраќани во концентрационите логови на Титова Југославија. Голем број се убиени крај Охридското и Преспанското Езеро, на планината Галичица, во близина на селото Отешево, а телата на убиените се фрлени во Преспанското Езеро…
Мора веднаш да кажеме дека сето ова се лаги и обид стравично да се фалсификува историјата. Ако вака лажат за настани што лесно се проверуваат, колку ли лажат за настани каде нема доволно документи и сведоци!?
Што е вистината наспроти бугарските историски лаги?
Да тргнеме по ред.
На Второто заседание на АСНОМ е донесено решение за создавањето суд за судење на престапите извршени против македонската национална чест. Тука не се спомнува дека самоопределувањето за бугарска националност е забрането или казниво. Напротив, на првиот попис спроведен по ВСВ (1948) во графите постоела и можност за декларирање како Бугарин.
А во Решението на АСНОМ за казнување на престапи против македонската национална свест (1945) стои:
“Во време кога Македонија беше окупурана од Германците и бугарските фашисти, кога македонскиот народ живееше тешки моменти во своето национално суштествување, кога најарните народни сили со сите средства, па и со оружје во рака се бореа за зачувување на македонската националност, јазик и култура, за македонското име воопшто – се најдоа пораженци и изроди во нашиот народ кои било од лични интереси било од општествена саможивност на семожни начини соработуваа со окупаторите, давајќи им реална моќ на нивната фашистичка и денационализаторска политика. На тој начин тие го издадоа својот народ и ја извалкаа македонската чест.
Македонскиот народ не може да ги остави без казна извршителите на овие престапи…” стои во Решението на АСНОМ со кое се создава специјален суд кој на територијата на Македонија ќе суди на секое лице кое за време на окупацијата направило престапи против националната чест, а кои не можат да се квалификуваат како предавство, или како помагање на окупаторот. Предвидени биле казни: лесна или тешка присилна работа и конфискување на имот. Лишувањето од националната чест може да биде времено или доживотно, а присилната работа може да трае највеќе до 10 години.
Значи идејата била да се казнат оние кои ја уривале македонската национална свест до 1944/45, а не да му се сугерира некому како национално ќе се изјаснува. Резултатите од пописот во 1948 година велат дека во тогашна ФР Македонија имало 1.152.986 жители или 3.3% помалку од пописот во 1931 година. Што значи дека бројката 100.000 до 130.000 убиени, прогонувани или насилно иселени Бугари од Македонија, односно речиси 10% од населението драстично би се одразила врз вкупниот број население во поствоена Македонија, а во случајов повеќе од очигледно е дека не е така.
Од вкупното население во Македонија, во 1948 година како Македонци се изјасниле 789.648 жители или 68,4%, како Албанци 197.389 или 17,1%, како Срби 29.721, Хрвати 2.090, Словенци 729, Црногорци 2.348, 889 Бугари, 130 Чеси, 29, Словаци, 1.141 Руси, 219 Унгарци, 360 Германци, 77 Романци, 9.511 Власи, 56 Италијанци, 95.940 Турци, 19.500 Роми, 1.560 неопределени муслимани и 1.649 останати.
Скопје како главен град, пак, имал 87.654 жители. Од нив, 51.819 се изјасниле како Македонци, 5.209 Албанци, 405 неопределени муслимани, 5.872 Срби, 986 Хрвати, 425 Словенци, 770 Црногорци, 275 Бугари, 74 Чеси, 11 Словаци, 113 Унгарци, 152 Германци, 16 Романци, 665 Власи, 27 Италијанци, 13.928 Турци, 5.796 Роми и 554 останати.
По Божикниот бунт во Скопје немало 1.200 стрелани “вмровци”
Во Бугарија многу често за пример како наводно била “масакрирана бугарска самосвест кај народот” се спомнува “Крвавата Коледа” (“Крвавиот Божик”). Имено, на 7 јануари 1945 година речиси 200 регрути од новоформираната 15 Македонска дивизија дошле пред Офицерскиот дом на скопскиот плоштад со пароли дека не сакаат да одат на Срем туку на Солун. Скопската касарна тогаш била на Калето и таму неколку илјади војници од Македонија биле спремани за да одат на Сремскиот фронт. Регрутирањето во македонската НОВ станало масовно по целосното ослободување на земјата. Се формирал 15 Корпус со 25.000 војска која, по наредба на Врховниот штаб на чие чело е Тито, требало да се прати на пробивање на Сремскиот фронт (за да “дадат крв” во таа војна и Македонците). Истовремено се случил бунт и во касарната во Штип. Таму се побуниле македонски војници чија единица непосредно претходно била формирана во Бугарија (тие таму се згодиле на крајот од војната) и потоа се пратени во Штип.
Според приказната на Софија настаните во Скопје вака се одвивале:
“Генералот Михаило Апостолски ги примамува побунетите офицери во Офицерскиот клуб „за да разговараат за ова прашање”; таму веднаш ги разоружуваат, апсат и ги затвораат во занданите на старата турска тврдина Кале. По кратко испрашување, водено лично од Светозар Вукмановиќ -Темпо само за неколку часа се стрелани над 70 офицери. Пред испрашувањето Темпо на секој му велел: ‘Хочеш Солун, ево ти га…’. Војниците кои веќе се прибрале во касарните почувствувале дека со нивните офицери нешто се случува и околу 1.000 од нив повторно се насочуваат кон центарот на Скопје. Таму се пресретнати од добро забарикадирани српски партизани, кои започнуваат против нив безмилосна автоматска стрелба. Убиените на плоштадот се околу 100, над 900 се уапсени и затворени во Скопско кале. Таму се чуваат повеќе од еден месец без леб, вода и ќебиња. Речиси сите умираат од глад и студ. На 6-ти кон 7-ми јануари 1945 година почнало масовно истребување на градоначалници, свештеници, учители, обични селани низ цела Македонија. Тие биле бележани како “бугараши” и “помагачи на бугарскиот фашистички окупатор” и биле убивани без суд и пресуда. Се употребувал штотуку изгласаниот закон за “Заштита на македонската чест”… – вели бугарската историографија.
Но сите документи од тоа време (извештаи од истраги, судски записници, првостепени и второстепени пресуди) како и сведоштва зборуваат дека вистината е следна:
Велат биле стрелани а тие 45 години подоцна даваа сведоштва за “Нова Македонија”!?
За бунтот во Скопје уапсени и судени се вкупно 40 војници и офицери (припадници на артилериската бригада). На смрт се осудени 13 додека во Штип 6 војници. Другите се осудени на различни временски казни затвор. Петмина се ослободени во недостиг на докази. Од сите осудени смртната казна е извршена само во Штип затоа што била спроведена по кратка постапка, додека за скопските војници течел жалбен процес и во август 1945 Президиумот на АСНОМ ги помилувал.
Поради овој Божикен бунт раководителите на ОЗНА биле многу лути. Во контрола од Белград на 14 јануари доаѓа висок воен претставник кој кога стасал во Велес дознал дека во тамошниот затвор се држат 53 видни лица од градот, осомничени за соработка со окупаторот. При вечерната пијанка тој наредува сите да бидат егзекутирани, што веднаш се извршило. Слина судбина доживеале и 48 лица затворени во Куманово, меѓу кои и војводата Крсто. Сите се убиени а до ден денес не им се знае гробот.
Во тие денови егзекутирани се и 17 лица во Ресен.
Веќе на 18 јануари од Белград стигнува наредба да се престане со егзекуциите без судења и масакрите престануваат.
Во дневниот весник „Нова Македонија” во март 1991 година беа објавени сведоштва за божикните настани 1945 и тоа од Михајло Апостолски, Киро Бардаров од Струмица – еден од осудените на смрт, Тодор Урдов од Дојран – осуден на временска казна, Стојан Козаров – осуден на смрт…
Голи Оток, Идризово, Маврово, Галичица…
Во годините што следуваат органите на државната безбедност на Федеративна Македонија и на Југославија ги гонат Македонците по две линии: поддршка на Информбирото и Сталин и т.н. “македонски национализам” или “ванчомихајловизам”. Првите се главно истакнати и докажани комунисти кои се осудуваат на затвор во Идризово и Голи Оток (Хрватска). Голи Оток бил посебно злогласен зашто условите за живот биле исклучително тешки. Во овој тогаш строго таен логор се праќале на “превоспитување” комунистите од 1949 до 1956 година. Потоа затворот на овој мал остров (само 4.5 km2) престанал да биде таен и минал во рацете на Хрватска каде казната ја отслужувале потешки злосторници а на крајот (до 1988) бил и затвор за малолетничка деликвенција.
Според списокот на затвореници во тие 7 години додека бил “комунистички Гулаг” таму биле донесени 16.101 лице од кои 801 или 5% биле Македонци. На Голи Оток според официјалниот список умреле 413 претежно како последица од тешката присилна работа, немањето болничка нега, организираните претепувања и други мачења.
Тешки услови за живот и принудна работа имало и за судените за “ванчомихајловизам” и за “македонски национализам” кои биле затворани во Идризово. Оттаму биле терани на присилна работа во Маврово, на Галичица, на Водно, во Јасен…
На прес-конференција во 2000-та година тогашниот портпарол на МВР Стево Пендаровески изјави дека во депото на МВР има околу 19.700 досиеја од кои најголем број се правени во периодот до 1952 година, а “од 1990 година до денес бројот на досиејата изнесува 500”.
Неколку години подоцна директорот на Архивот на Македонија, Зоран Тодоровски, потврди дека од МВР кај нив се префрлени оригинални досиеја на 14.500 политички затвореници, правени во периодот од 1945 до 1998 година, како и 22.000 оригинални досиеја на затвореници кои биле чувани во затворот во Идризово. Во тие 14.500 досиеја имало изјави на 23.000 “кодоши”. Досието на Драган Богдановски е меѓу најобемните – со 18.000 страници .
– Ако направиме рекапитулација од официјалните и од неофицијалните податоци, доаѓаме до бројка од речиси 50.000 македонски граѓани (Македонци, Албанци, Турци, па ако сакате и Бугари – н.з.) кои од 1945 година наваму биле уапсени, депортирани, судени, затворани, осудени на смрт, стрелани, убиени, исчезнати и кои имале политички и затворски досиеја, рече Зоран Тодоровски во изјава за “Утрински весник” на 2 февруари 2006 година.

Обука на артилерците од 15 Корпус на минофрлач на скопското Кале, декември1944/јануари 1945

Останати вести