Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) на Македонија од 20 август воведе ембарго на емитување на музиката на нејзините членови. Со ова практично сите телевизии и радија во земјата (со некои исклучоци), престанаа да емитуваат музика од македонските автори, бидејќи во ЗАМП членуваат речиси сите домашни композитори – дури 6,000.
Ембаргото беше воведено како резултат на револтот во ЗАПМ од лиценцирањето на конкурентско здружение кое предложило пониски тарифник за дури 50%. Од Министерството а култура беше побарано да се поништи лиценцата на второто здужение. Бидејќи немаше реакција, ЗАПМ побара солидарност од сличните национални здруженија во земјите од бивша Југославија. И тое почнаа да стигаат: досега се стави ембарго на емитување на српската, црногорската, словенечката и хрватската музика. Последна, на 4 ноември, на сила стапи и забраната за емитување на босанска музика.
Оваа состојба најмногу ги погодува телевизиите и радијата кои со закон се инаку обврзани да емитуваат 60% од својата програма на македонски. Во настанатата ситуација, забраната се прошири и на емитување на музички програми од Србија, Хрватска и БиХ.
Од земјите од соседството, сега може да се емитуваат само песните од Грција, Бугарија, Албанија и Косово.
Немоќта на Министерството за култура
Во меѓувреме Министерството за култура се обиде да изврши притисок врз ЗАМП, преку закана дека ќе му ја одземе лиценцата поради наводни неправилности во исполнувањето на условите. Не се дозна дали навистина имало неправилности, иако министерката Елизабета Канческа-Милевска тврдеше дека имало проблем со софтверот за регистрирање на емитуваната музика, кој е распределен кај радио-дифузерите.
На крајот, минатата недела, Министерството за култура објави дека административно ја укинува донесената одлука на ЗАМП поради тоа што не била во согласност со законот.
„Од надзорот на Министерството за култура над Одлуката на Собранието на ЗАМП се констатира дека Одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права. Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, Статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот”, стои во соопштението на Министерството за култура.
Од своја страна Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) реагираше со поденсување кривични пријави до Јавното обвинителство против одговорни лица во Министерството за култура поради несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност.
„Откако, по сите контроли што ги направија и уште ги прават, не успеаја да најдат криминали (како што изјавуваа) и неправилности, откако не успеаја да ги поделат авторите (иако не престануваат да го поттикнуваат тоа), неспособни да најдат конструктивно решение, се подготвуваат да го жртвуваат ЗАМП и по 70 години авторското право да го вратат на почетоците. Затоа македонските автори се единствени во одбраната на своите неприкосновени права. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека Судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика”, стои во соопштението на ЗАМП.