Австралискиот премиер Малком Турнбул наметна формална забрана за сексуални односи меѓу министрите и нивниот персонал, откако неговиот заменик Барнаби Џојс направи „шокантна грешка во проценката” впуштајќи се во афера со помошничка по која таа затрудне, јавуваат агенциите.
Турнбул објави амандман на министерските правила на однесување на вонредна конференција за новинарите на која го критикуваше Џојс бидејќи им предизвикал „страшна болка и понижување на својата жена и четирите деца”. Џојс јавно се извини.
„Барнаби направи шокантна грешка во проценка впуштајќи се во афера со младата жена која работи во неговата канцеларија. Тој им создаде болка на тие жени и нè вџаши сите нас. Сочувствуваме со нив. Низ ова страшно нешто мора да минуваат пред окото на јавноста”, кажа Турнбул.
50-годишниот Џојс се наоѓа под голем притисок откако аферата со неговата поранешна медиумска советничка Вики Кампион (33) која сега го очекува неговото дете, стана јавна минатата недела. Сето тоа водеше до обвинувања дека ги прекршил министерските правила и повици за негова оставка. Заменик-премиерот и министер за инфраструктура, Барнаби Џојс, кој беше во брак 24 години и ги промовираше семејните вредности, ја оставa сопругата и четирите ќерки.
Турнбул кажа дека Џојс сега треба „да ја разгледа својата позиција”. Премиерот може да го отпушти, но со ризик за растурање на владејачката коалиција.