Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија и на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, потврдиле за МИА во Брисел повеќе високи дипломати од земји членки на ЕУ.
На последниот состанок на амбасадорите во Брисел на дневен ред биле заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи. Од таму е отстранета опцијата за датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје. Бугарија на тој амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Македонија на 8 декември. Земјите на ЕУ кои важат за поддржувачи на проширувањето сепак сметаат дека консултациите продолжуваат на оваа тема.
“Датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени”, објаснуваат европските дипломати.
Затоа и нема многу надеж дека до крајот на годината ќе се одржи меѓувладината конференција.
Амбасадорите требаше повторно да се состанат вчера (во средата). Во меѓувреме Софија и Скопје продолжуваат да преговараат за “патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство” , кој нема да влезе во Преговарачката рамка, но сепак ќе биде дел од евроинтеграциите, за што не се откриваат детали.
Софија инсистира на три барања: да се формулира македонскиот јазик како “официјален јазик на Северна Македонија”, да има јасна рамка за спроведување на Договорот од 2017 година и Скопје да престане да тврди дека има македонско малцинство во Бугарија.