Во Македонија се намалува задолжителниот период на изолација од 14 на 10 дена кај асимтоматски случаи и кај нив нема да се прави контролен тест на крајот од тој период – вели министерот за здравство Венко Филипче
– Од први септември се враќа во нормала здравствениот систем. Мора да се придржуваме до протоколите, со маска и дистанца. Дозволен ќе биде само еден придружник. Се ослободуваат пациенти од изолација. Кај асимптоматските пациенти по 10 дена, или оние со симптоми 20 дена по позитивниот тест – објави Филипче.
Се укинуваат и условот од два контролни негативни теста за лицата што биле позитивни на ковид-19.
Филипче потенцира дека одлуката била донесена по опсежните истражувања во МАНУ и на СЗО во изминатите шест месеци.
– Овој нов протокол се темели на опсежни анализи на МАНУ, препораките на СЗО и на Европскиот центар за превенција на болестите. МАНУ анализира повеќе од 10 илјади тестирања. Утврдено е дека кај пациенти позитивни на ковид-19, независно од резултатот на контролното тестирање, не е присутен вирус што е доволно силен за да може да предизвика зараза, по 10 дена кај асимптоматските, а по 20 дена кај оние што имаат симптоми. Оттаму, по овој период, пациентите ќе бидат ослободени од изолација, без контролни тестирања, изјави министерот Филипче.
Тој најави дека оваа одлука ќе стапи на сила од петок, најдоцна сабота кога ќе почне нормално да функционира “Мој термин”.
Скопје и уште 6 градa со трицифрен број на заразени
Инаку во земјата досега се дијагностицирани околу 13.500 лица со ковид-19 од почетокот на епидемијата пред речиси шест месеци, при што оздравени се 10.000, а починати 560 лица.
Активни се 2.774 случаи, од кои 833 се во Скопје, додека трицифрен е бројот во уште шест градови – 298 во Гостивар, 294 во Куманово, 252 во Штип, 160 во Тетово, 136 во Струга и 113 во Кичево.
Од скопските општини, трицифрен е бројот во Чаир (114) и Гази Баба (103), а висок број (99) активни случаи има и во Аеродром.
Македонија има вкупно 356 ковид-пациенти во болниците
Вкупно 356 ковид-пациенти се сместени во болничките капацитети низ Македонија, а од нив четири лица се водат како суспектни на вирусот.
Во Скопје, во болницата во Козле се хоспитализирани вкупно 20 возрасни лица, шест деца, а две мајки и две деца се водат како сусптекти. На Инфективната клиника вкупно се лекуваат 76 пациенти. Од вкупиот број на кислородна поддршка се 40 пациенти, а на механичка вентилација пациенти нема. Во ГОБ „8 Септември” примени се вкупно хоспитализирани 75 пациенти. На респираторна машина се четворица.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 20, а во болницата во Штип се хоспитализирани 37 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 118 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.
