Заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија во Струмица

Договорот за пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија може да влезе во сила веќе до крајот на годината, беше најавено по одржувањето на првата заедничка седница на владите на двете земји.

Од бугарска страна на седницата учествуваа: премиерот Бојко Борисов, вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменужка Петкова и Николна Ангелкова.
Министрите за надворешни работи на двете земји, Димитров и Захариева изјавија дека ќе вложат напори парламентите на двете земји што е можно поскоро да го ратификуваат договорот.
– Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме, изјави Димитров.
Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.
– Многу се радувам што нашите влади се сретнаа во Струмица, зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница, изјави Захариева.
Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, рече, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.
Што беше договорено?
Димитров и Захариева потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства. Бугарската страна ја реафирмира готовноста за поддршка на Македонија во однос на стратешката цел за членство во ЕУ. Официјална Софија ќе ја сподели својата експертиза и искуство во областа на европските интеграции, вклучително и преку испраќање на експерти, организирање заеднички семинари и обуки.
Платформата предвидува и заеднички дејствија за справување со новите предизвици во однос на безбедноста. Двете држави ќе ја продлабочат соработката во областа на визната политика, граничната контрола и миграцијата. Двете министерства ќе вложуваат напори и за стимулирање на јавната дипломатија во сите форми, вклучително и преку заеднички проекти и учество на дипломати и вработени во министерствата на курсеви, семинари и обуки.
Беа потпишани уште девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и за реакции при природни катастрофи. Беше потпишан и меморандумот за разбирање меѓу министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги.
Ова беше прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на Заев со влада на држава од соседството. Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија, а во февруари или почетокот на март и со Србија.

Останати вести