Заев: Како на Иванов не му сметаше Платформата додека Груевски преговараше со ДУИ?

Иванов не можел да знае што од Платформата на албанските партии ќе прифати Груевски кога му го додели мандатот. На Заев не му дава мандат бидејќи исто така не знае што овој ќе прифати од истата Платформа

Македонија во овој миг се наоѓа во ситуација како пред 9 јануари, кога претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за состав на влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во тој миг постоеше Платформата на албанските партии со кои Груевски требаше да преговара (иако зад него не стоеше уставно потребното мнозинство во Собранието, какво што сега има Заев). Груевски мина 20 дена во обид да ја продолжи деветгодишната коалиција со ДУИ на Али Ахмети, и преговорите завршија неуспешно. Мандатот беше вратен со образложение дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да прифати делови од Платформата на Албанците. Од ДУИ, пак, објавија оти по прашањата за проширување на употребата на албанскиот јазик како никогаш порано има согласност кај ВМРО-ДПМНЕ па и СДСМ, но оти со Груевски не се договориле поради продолжувањето на мандатот за обвиненија на СЈО.
Во моментов Македонија нема мандатар, поради стравот на претседателот Иванов дека во договорот за идната влада СДСМ ќе ја инкорпорира Платформата од Тирана. Иванов вели дека делува превентивно, ама и како последна линија на одбраната на македонските национални интереси. Секако, додека владината програма не дојде во Собранието, сите стравови се само замислени.
За сегашната пат-позиција Зоран Заев деновиве изјави:
– Јас се надевам дека не спие човекот (Иванов -н.з.), и доволно ќе размисли што е интерес на Република Македонија. Ден поскоро Македонија мора да ги движи процесите, и ден поскоро поскоро мора да добие Влада. Сите знаат дека тие 67 потписи не значат и гаранции за формирање на Влада, и сите знаат дека демократските процеси се единствениот начин за разрешница во Република Македонија, а се согласно Уставот и законот.
Ама, ете, видовме дека прво Никола Груевски 20 дена преговараше и се договараше за таа Платформа. На крајот медиуми кои се авангардата на објавување на одлуките на ВМРО-ДПМНЕ дури објавија дека била прифатена таа Платформа или слично. Г-динот Иванов во ниту еден момент не правеше проблем на оваа работа.
Да се разбереме, Заев, Груевски, Иванов, Ахмети и било кој во државата не носат одлуки, институциите носат одлуки. Парламентот во Македонија носи одлуки дали ќе прифати програма на мандатарот за Влада или ќе ја отфрли таа програма и дали ќе прифати кабинет на мандатарот за Влада или ќе го отфрли. Институциите на системот носат одлуки и политичарите апсолутно можат да зборуваат за секакви свои ставови. Јас барам мандат за да отпочне да се разговара за сите документи. Тие документи може да бидат составен дел, надвор од идна владина програма или слично. Затоа она што е следствен процес доколку се добие мандатот е мандатарот да излезе пред Парламентот со програма на Влада и владин кабинет или да му соопшти на г-дин Иванов дека не успеал да формира Влада.
Тие се процесите и меѓутоа дебатата е веќе изместена – што за закон за употреба за јазиците, што за некакви платформи и навистина е поприлично забегана дебата кога доаѓа од таткото на нацијата. Тој е претседател на сите граѓани на Република Македонија и не смее да си дозволи да ги помине сите овие граници. И оттука уште еднаш потенцирам, со ДУИ и Алијансата за Албанците зборувавме за начела и принципи за да можеме да добиеме потписи. А за да разговарате за владина програма мора прво да бидете мандатар, за воопшто да навлезете да разговарате за владина програма во чијшто составен дел би можело да биде и закон за употреба на јазиците и одредени делови од Платформа, од нашата Платформа „За живот во Македонија”. Никој не зборува дека потрошивме 80% од времето да ги убедиме партиите коишто ни дадоа потписи за реформите, за повратокот на парите кон граѓаните, за враќањето на ДДВ-то кон граѓаните, за подигнувањето на минималната плата, за чекорите за постигнување на просечната плата во Република Македонија, заради тоа што мора да го прифатат токму и тој концепт и тоа е впрочем и најважната работа којашто ги интересира сите граѓани подеднакво во Република Македонија.
Решението според нас е претседателот Иванов да го даде мандатот и тоа е она што е нормален процес на дејствување, но истовремено ако бидеме исправени пред одговорноста што со државата, што со институциите, што со новата Влада, тогаш ќе ги превземеме сите други чекори согласно Уставот и законите, за да воспоставиме нормализација на Република Македонија, изјави Зоран Заев во последното интервју за “24 Вести”.

Останати вести