Зоран Заев, претседателот на СДСМ, во средата го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
На церемонијата на доделување на мандатот Иванов кусо објави дека пречките се отстранети и му го предаде уставно потребниот документ на Зоран Заев, кој од новото собраниско мнозинство е определен за мандатар за состав на влада.
Новото парламентарно мнозинство е составено од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците и брои вкупно 67 пратенички места. Преговорите за составот на новата влада допрва почнуваат и се уште е неизвесно дали дел од владината коалиција ќе биде и движењето Беса, независно од тоа што даде поддршка на Заев како мандатар.
Рокот за составување на новата влада е до 6 јуни. Кога новиот мандатар ќе го предложи новиот состав на владата во Собранието заедно со програмата, а потоа законски има уште три дена пратениците да дебатираат. На истекот на третиот ден мора да се гласа.
При добивањето на мандатот Заев изјави дека двете пречки за состав на нова влада се остранети – избран е нов претседател на Собранието, кој испрати писмо до претседателот на државата дека е формирано ново праламентарно мнозинство и испорачана е изјава со гаранциите што ги бараше шефот на државата.
Заев: Брзо ќе составам Влада и да ги оставиме разликите
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по добивањето на мандатот изјави:
– Очекувам да составам брзо Влада. Можеби за десетина дена. Гаранциите ги дадов пред сите граѓани, како и пред претседателот на државата и се обврзувам дека ќе градиме граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сила ќе ги здружиме за правда и за правна држава, за квалитетен живот, за почитување на мултиетничност и на Охридскиот договор – рече идниот премиер.
Тој најави дека негова основна цел е во Македонија да се изгради едно општество за сите. Нагласи дека денот кога го добива мандатот, 17 мај, има убава симболика затоа што точно пред две години на овој датум граѓаните, независно од својата политичка и етничка припадност, ја испратија пораката од граѓанска Македонија, дека се подготвени заедно да работат на демократските вредности, на решенија кои ги спојуваат, а не што ги делат (на тој датум се одржа големиот протест на опозицијата во Скопје).
– И денеска ја имаме таа потреба – да изградиме едно општество за сите. Демократијата не се гради преку ноќ. Ве повикувам сите, бидејќи сите сте потребни во овој процес. Да ги оставиме разликите, омразата, деструктивните политики. Новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Овој ден е нов почеток за Македонија. Како мандатар и иден премиер се обврзувам дека новата реформска влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме да изградиме правда и правна држава, да обезбедиме услови за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија со меѓусебно разбирање, кон почитување на мултиетничноста во државата и Рамковниот договор. На овој начин само ќе ги отвориме вистинските перспективи на граѓаните и на современа, модерна и евроатлантска Македонија, порача Заев.
Тој верува и се надева дека сите одлуки во иднина ќе бидат носени низ дијалог и со договор, а на тоа, како што рече, упатува и учеството на претставниците на политичките партии на работни средби.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека ќе преговара со ДУИ, Алијансата на Албанците и со БЕСА и оти посакува сите тие да бидат учесници во новата влада.
Текстот на изјавата-гаранција што му ја даде Заев на Иванов
„Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија.
Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија.
Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани без оглед на етничка, верска и национална припадност.
Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеењето на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност од други држави.
Ниеден документ платформа, декларација, акт или дејство, спротивни на погоре наведените ставови не можат да бидат услов, ниту основа за формирање и дејствување на влада на Република Македонија”, пишува во писмената изјава потпишана од Заев која му беше предадена на Иванов.
Според информациите, околу последниот параграф биле “пеглањата” што траеја неколку дена. Имено, Иванов првично инсистирал експлицитно да стои дека мандатарот се откажува од таканаречената Тиранска платформата, додека Заев сметал дека е доволно да се наведе дека заложбите од оваа платформа, декларација или изјава нема да биде составен дел од новата владина програма.
На крајот, очигледно е најдена компромисна формулација.