Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска и пратеникот Петре Шилегов фрлија со боја врз Министерството за правда. Заедно со нив беше и Фиат Цаноски како и неколкумина лидери на помали партии во коалиција со СДСМ. Тие се приклучија на илјадниците демонстранти од “Шарената револуција”.
„Ова денеска како перформанс на сите нас хулиганите и хулиганките, составен дел на оваа Шарена револуција беше чин на солидарност кон сите овие другари и другарки коишто се под мечот на неправдата и репресијата на оваа власт. Еве сега, нека не казнат сите нас. Нема повлекување.
Влегуваме во финале и бегање нема”, изјави Зоран Заев.
„Шарената револуција обележувала и ќе обележува сè што е грешка во овој систем”, порача активистката Ирена Стеријовска. Карактеристично за последната недела од протестите е тоа што полициските кордони воопшто не го спречуваат фрлањето или прскањето со боја врз јавните објекти.