Заев на 1ТВ: Ќе си дадам оставка ако не успее референдумот, но сигурен сум дека ќе успее

– Ќе заминам ако не успее референдумот во Македонија, но толку сум сигурен дека тој ќе успее. Очекувам сериозни проценти 75-85 насто, согласно колкави се процентите на граѓани кои се изјасниле дека се за ЕУ и НАТО.

Граѓаните немаат што да бираат, немаат друга алтернатива. Тие само треба да потврдат дека сакаат Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО – вака премиерот Зоран Заев одговори на прашања од граѓани за време на интервјуто за 1ТВ за тоа дали ќе си поднесе оставка ако не успее референдумот за името.
Тој повтори дека со договорот се заштитува македонскиот јазик и идентитет.
– Беше многу тешко, не случајно не се постигнало решение за името сите овие години. Реакциите на опозицијата кај нас и во Грција покажува дека сега сме дошле до фер решение. Сите знаеме дека има јужен егејски дел на историската Македонија, потоа источен пирински дел и дел во Албанија и, секако, делот во границите на Република Македонија. Со договорот го добивме идентитетот наш признаен од сите, признаен ни е и македонскиот јазик. Ова е придобивка и не можам да ги сфатам луѓето кои измислуваат тези, бидејќи идентитетот е комплетно потврден. Мора да обезбедиме иднина за оваа земја. Должен сум да сторам се Македонија, да ги тргнеме дилемите дали ќе биде земја и дали ќе има перспективи. Тоа сме должни на нашите деца. Стабилна и силна екомонија, владеење на право, слобода на изразување, тоа ќе бидат бенефитите за нашата земја – рече Заев.
Тој уште додаде дека е свесен оти неговата политичка иднина е доведена во прашање со договорот со Грција, но дека не сакал да калкулира со цел да си ја зачува својата политичка кариера.
– Мојата политичка иднина е доводена во прашање комплетно. Можев и јас како и претходната гарнитура на власт да си владеам а да не мислам на иднината на државата. Сега таа е во раце на граѓаните и тоа е добро, граѓаните да одлучуваат за иднината на политичарите. Ама јас и ја обезбедив светлата иднина на Македонија со правна држава, силна економија и држава во која ќе има ред. Завршува времето кога никој од политичарите не даваше отчет. Штом влеземе во ЕУ според европските правила тоа ќе мора да го прави. Ќе бидат посигурни и бизнисмените и граѓаните кои ќе знаат дека законите и судовите делат правда по закон а не по политички врски, рече Заев.
Премиерот кажа дека се уште не размислувале за референдумското прашање, но тоа ќе биде поврзано со ЕУ и НАТО и секако со одлуката за името.

Со Црвенковски се немаме слушнато за договорот со Грција за името
Со поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, немаме разговарано за тоа, одговори премиерот Заев на прашањето дали се слушнал со поранешниот претседател на партијата за договорот со Грција за името.
– Занам дека Црвенковски сака да бидеме членка на ЕУ и НАТО, но немаме разговарано сега. Претходно преку посредници не охрабрубаше, но се немаме слушнато – рече Заев.

Јас сум Македонец, тоа го кажав јавно и во Нивици
– Јас сум Македонец најмалку еднаков како и сите Македoнци, по етничка припадност апсолутно сум како сите Mакедонци и сум граѓанин на Република Македонија. Сега имаме потврда од целиот свет на нашиот идентитет, на мајчиниот јазик, името е допрецизирано со северна. Македонија си останува наша и никој нема право да извлекува идентитетски придавки од новото име. Треба само да го читаат договорот – одговори премиерот Зоран Заев на прашање од гледач на 1ТВ: „Дали Зоран Заев е етнички или географски Македонец”.
– Јас и во Грција, на потпишувањето на договорот со Ципрас зборував за Македонци, Грци, Европејци. За македонско и грчко општество и никој тоа не го демантираше од грчка страна, освен некои минорни екстремисти. И Ципрас кога дојде во Отешево јавно кажа “дојдовме на македонска страна да јадеме македонска салата”. Немојте да дозволиме некој да не лаже за фактите. Ние не сме го посакувале ниту сме имале аспирации кон северниот дел на Грција. Немаме намера да ги рушиме границите на нашите земји – порача Заев.

Останати вести