„За брз прием во НАТО ќе барам помош од Грција, Бугарија и Албанија“

ЗОРАН ЗАЕВ НА МТВ
Премиерот Зоран Заев во интервју на МТВ со уредници на повеќе медиуми изрази надеж дека Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името.

– Членството во Алијансата е можно ако Грција го ослободи ветото. Има два начина: решение на проблемот или под привремената референца да влеземе во НАТО, а да ги продолжиме преговорите со Грција за проблемот што го има со нашето уставно име заради наше интегрирање и во ЕУ. Од тој аспект негувам надеж дека е можно Македонија во многу краток период да стане членка на НАТО под привремената референца, а ние со Грција барем да приближиме одредени ставови, да испратиме добри пораки, да ги потврдиме досегашните мерки на доверба кои ги почна претходната влада, а ние имаме намера да ги надградиме. На тој начин да создадеме амбиент за Македонија барем делумно да биде одблокирана, изјави Заев.
– Барам отворена помош од соседството, со Грција, со Бугарија, а за НАТО може да помогне и Албанија. Генералниот секретар на НАТО сака да ја посети Македонија наесен со добра вест. Нема да имам проблем да побарам поддршка и од грчките граѓани за да и овозможат пат на Македонија кон евроинтегрциите. Негувам надеж дека е можно во краток рок да станеме членка на НАТО со референцата. Таа ќе се создаде аргумент Македонија делумно да биде одблокирана, рече премиерот.
На прашањето, како конкретно мисли да се реши спорот со името, премиерот одговори:
– Немаме намера да правиме дополнителни провокации кон Грција. Треба да се прави нешто што нема да отвора нови рани. Спорот може да почне да се решава по пат на засилени разговори, без провокации и со користење на геополитичките моменти. Точно е дека немам магично стапче, само споделувам надеж и оптимизам. Но, сигурно нема да градиме нови споменици и да именуваме нови автопати за да провоцираме. Исто како што е сигурно дека нема да дозволиме да се допре до нашиот интегритет, постојат црвени линии, рече Заев.
Премиерот најави дека првата посета во странство како премиер ќе ја реализира веќе на почетокот од оваа седмица во седиштето на ЕУ во Брисел и ќе се сретне со еврокомесарот Јоханес Хан, со кого ќе разговара за реформските приоритети на Владата, за спроведувањето на извештајот на Прибе, како и за извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија.
Заев после 20 јуни очекува да ја посети и Софија и премиерот Бојко Борисов. Бугарија од први јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ и премиерот смета дека соседната земја е подготвена да и помогне на Македонија во интегративните процеси.

Останати вести