Заев најави интензивни средби со бугарските власти во наредните 15 дена

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на средбите со бугарските власти во насока на постигнување решение за спорот со Бугарија, пред јунскиот самит на Европската унија, за кој постои оптимизам дека ќе биде дадено зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција.

Заев рече дека во периодот до 22 јуни ќе се одржат многу состаноци. Го спомна самитот во Анталија на 17 јуни, но како можност за средби со бугарските претставници го посочи и самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни.
– Верувам дека и билатерално ќе се видиме затоа што нашите министри за надворешни работи со своите тимови соработуваат, го доразвиваат планот за соработка. Се работи за секторскиот план од сите области, верувам дека ќе го утврдиме до крај. Јас дури верувам дека може да се одржат и Меѓувладината конференција во престојниот период, а во меѓувреме да се усвојат сите потребни работи – нагласи Заев.
Тој додаде дека интензивирањето на состаноците и приближувањето до решение, може да биде од помош, за како што рече, „тоа гласно ДА”, кое се очекува на 22 јуни за одржување на првата Меѓувладина конференција.
– Пред нас е мегдан, значаен период, верувам дека можеме да ги искористиме до максимум сите можни средби за да постигнеме евентуален успех – нагласи премиерот.
Заев ги отфрли како несериозни изјавите, особено од ВМРО-ДПМНЕ, и нагласи дека тоа може да предизвикаат само штетни последици и закочување на процесот на евроинтеграции.
Тој повтори и дека ништо не се крие и не се разговара поразлично и оти на маса е португалскиот предлог кој на ниту еден начин не задира во идентитетските прашања и оти тоа за нас е добра основа да се најде решение за билатералното прашање со Софија.
Задоволен што ДУИ исчекори од етничката агенда
Премиерот Заев изрази задоволство поради тоа што најголемата албанска политичка партија ја заокружува етничката агенда и се насочила кон граѓанинот. Лидертот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на 19. роденден на партијата ја промовираше новата “зелена платформа” за претстојните локални избори. Рече дека ги заокружиле сите национални прашања за Албанците и сега е време да се свртат кон обезбедување на благосостојба на населението.
– Доста беше Албанци, Македонци, Срби, Турци, Власи. Во државата имаме граѓани. Сакам да го поздравам тоа заради тоа што е исчекор, а посебно кога доаѓа од најголемата владејачка партија од албанскиот политички блок. Многу е значајно кога политичарите излегуваат јавно и го даваат својот збор. Тогаш тоа значи нивен завет и обврска и во пракса да го спроведат. Тоа го мислам пред се за СДСМ, но и за ДУИ и за сите други политички партии. Истовремено ги препознавате нивните политики на градење на зелената агенда на Владата – рече Заев.
Тој потенцираше дека граѓаните од СДСМ и ДУИ, но и од БЕСА и ДПА и сите други партии што се во коалиција во иднина очекуваат јакнење на работниците, јакнење на зелените агенди, заштита на животната средина, развој на економијата преку зелената економија или зелената агенда.

Останати вести