Премиерот на Македонија, Зоран Заев во интервју за МИА вели дека невозможно е Македонија да влезе во НАТО под привременото име ФИРОМ и дека тоа му било јасно ставено до знаење од генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг.
„Тоа, што некои кулоари велат, може и под ФИРОМ ќе влеземе, ќе не внесат без разлика дали ќе го решиме името или не, мислам дека тоа не е возможно. Зошто? Кога беше Генералниот секретар на НАТО Столтенберг овде рече не бива таа работа. И, тоа е чесен пристап. Да знаеме, јас да знам, и граѓаните на Македонија да знаат дека ако не најдеме прашање на решението на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, ние покана за членство во НАТО нема да добиеме.
Да, возможно е асоцијативно членство по теркот на Шведска и други земји, може да добиеме како што добивме по 2008 година, Стратешко партнерство со Америка, со Турција, со земји пријатели. Немаме проблем за тоа, но нашата желба е членство во НАТО. Асоцијативното членство, веројатно ќе го добиеме. Јас дури и не размислувам дали ќе го добиеме или не, оти јас очекувам покана за членство во НАТО. Веројатно за тој период, додека се ратификуваат договорите, би требало да одиме на референдум, ако имаме решение на проблемот, да го искористиме. Гледам, во Црна Гора, година и пол траеше ратификацијата. Имаме доволно време, но поканата за членство во НАТО, значи НАТО. И, нема дилеми дека ќе го ратификуваат земјите. Додека трае целиот овој процес, тоа, паралелно значи инвестиции. Паралелно значи фондови, паралелно значи повеќе пари за граѓаните. Паралелно значи и повисок стандард за сите нас. И, јас сум убеден дека треба да бидеме 100 процентно фокусирани на отворање на перспективите на нашата земја или како што спомнав пред малку и како што велат некои пријатели, добивање на имотниот лист за Република Македонија”, вели Заев.
Преговорите се важни, ама не по секоја цена
На прашањето дали ќе се види со Ципрас по празниците, Заев вели: „Следи уште една средба помеѓу двајцата министри за надворешни работи по празниците, на 12 април во Охрид. Верувам дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу мене и Ципрас. На крајот на април, или, можеби, почетокот на мај, можно е да имаме средба на премиерско ниво. Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите. Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение. Тоа секако зависи од двете страни, но треба да знаат граѓаните, важно е прашањето, премногу важно, но не по секоја цена, како што рековме.
Јас верувам дека тоа е возможно, јас верувам дека е добро за Македонија да се случи колку што може порано поради тоа што тоа за нас значи комплетна гаранција за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и автоматска покана за членство во НАТО.”